Република Северна Македонија е длабоко поларизирано општество, затоа што поларизацијата се користи и како средство за политичко владеење и за политичка мобилизација, а темите како демократски институции, владеење на правото и реформа на јавната админситрација се честопати маргинализирани во медиумите и се поклопени со политички, идентитестки и историски прашања.
Ова е само еден од заклучоците на публикацијата „Во(н) фокусот на медиумите: Демократски институции, владеење на правото и реформи во јавната администрација“ на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, што беше промовирана денес на настан во хотел Сити парк Скопје.
На промоцијата се обрати амбасадорката на Швајцарија во Р.Северна Македонија, Н.Е. Вероник Хулман која истакна дека во денешно време демократските модели се соочуваат со предзивик од зголемената поларизација, погрешни информации, лажните вести и алгоритми од социјалните медиуми кои што предизвикуваат радикализација на мислењата и намалување на просторот за дијалог, разговор и компромис. Северна Македонија, како и останатите европски земји смета Хулман, ги искусува сите овие предзивици и просторот за конструктивна размена и дијалог се поткопуваат.
-Затоа од суштинска важност е институциите и граѓаните кои веруваат во демократијата да работат заедно во градење на мостови за надминување на поларизацијата и да споделуваат веродостојни информации кои што ќе овозможат објективна дискусија и информирање. Во една демократска држава граѓанското општество и медиумите играат клучна улога и тоа во набљудувањето и следењето на работата на државните институции – истакна Хулман.
Според заменик претседателот на Владата на Р. Северна Македонија задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска,имајќи го предвид политичкиот и медиумскиот пејсаж во земјава, во јавноста тешко пробиваат теми поврзани со демократските вредности.
-Од исклучителна важност е улогата на медиумите кои и покрај тоа што и самите поминуваат низ трансформација предизвикана од новите технологии, тие би требало да останат оној филтер помеѓу безбројните вести, информации од секаков тип и она што е релевантно и корисно за граѓаните и кое е проверено и обликувано според професионалните стандарди во новинарството – смета Грковска.
Според неа, на поддршката и европското партнерство не треба да се гледа како камшик кој не тера со сила напред, туку како водич кон посредена и поефикасна држава во поглед на испораката на услугите кон своите граѓани.
Александар Кржаловски – директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) истакна дека во овој процес ниту медиумите и граѓанските организации не се дораснати во целост и не само што не се отпорни на оваа поларизација, туку и ја стимулираат.
-Во однос на тоа каде се граѓанските организации и колку се тие криви, за жал и кај нас има поларизација по партиска основа. Некогаш е нормално ставот на некоја организација да одговара со ставот на политичката партија, ама не е нормално кога тој став ќе се смени да се смени и ставот на организацијата, односно да се води од тоа што кажува една партија, а не што кажуваат фактите. Наше најголемо оружје во таа борба е конзистенцијата – вели Кржаловски.
Катерина Колозова – директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, смета дека Поглавје 23-темелени вредности не се однесува само на апстрактен говор на човекови права, на парламентарна демократија и на одлично изведени избори како ги формулираа ОБСЕ во ерата на Груевски. Поентата е смета Колозова дека празната форма и самиот минимум на задоволување на Копенхашките критериуми не е доволно и дека институциите и целиот јавен сектор мора да ги инкарнира, опредметува и материјализара вредностите од поглавјето 23 меѓу кои што се и правото на добра администрација или право 41 од европската повелба на темелните права
-Јавната админситрација и државата како сервис на граѓаните и сервис на правните субјекти сеедно дали приватни или јавни, мора да се устрои така да во испорачувањето на своите услуги да му служат на граѓанинот и тој да е во центарот на својот интерен наместо обратно, како што тоа се манифестира во тоталитарни и недемократски системи- вели Колозова.
Жарко Трајаноски – раководител на истражувања во ИМА истакна дека темите како владеење на правото, реформи на јавната администрација и демократски институции се неверојатно битни теми, но и покрај тоа кај голем дел од медиумите тие се на маргините и не се битни или се важни само во контенкст на ЕУ.
– Овие теми треба да се во фокусот независно од процесот на ЕУ интеграција и од тоа дали политичарите од странство ќе инсистираат на овие теми.
Препораките до медиумите се дека тие треба да се фокусираат на овие теми не само во контекст на пристаните преговори туку и како теми кои се од особен интерес за граѓаните и во насока на продбрување на нивниот квалитет на живот. Медиумите мора да се придржуваат до проверката на факти и да ја афирмираат слободата на изразување со критички коментари. Потоа да обезбедат што повеќе кртички извори од граѓанското општество како и непосредни изјави од граѓаните и подобрувањето на нивниот квалитет на живот.
При покривање на овие теми, медиумите треба да го прилагодат јазикот во медиумските содржини за да биде прифатлив до граѓаните кои се засегнати за известување на овие теми- вели Трајановски.
Освен кон медиумите, дадени се препораки и до државните функционери, политичарите и другите јавни комуникатори..
Настанот и поромоцијата се дел од активностите на проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и инклузивни институции: Придонес на граѓанското општество“, што го спроведуваат Институтот за општествени и хуманистички науки, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) и Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“. Проектот е финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас. Цел на проектот е критички и информиран дијалог, следење, анализа и застапување на политики, кои ќе придонесат за зајакнување на капацитетите на извршната власт за градење демократски и инклузивни институции.