22.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Прозорецот е отворен, сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија, рече Урсула фон дер Лајен во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, од Скопје порача дека сите партии имаат одговорност за изборот и иднината на Северна Македонија во насока на гласањето на уставните измени со кои Бугарите би биле внесени во Уставот.

„Северна Македонија е суверена држава, која ги прави сопствените избори, и се надевам дека сите партии ќе ги поддржат бидејќи сите партии имаат одговорност за иднината на државата“, рече претседателката на Европската комисија на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски.

Според неа, државата е на добар пат да се приклучи кон ЕУ, а напредокот и решителноста ги оцени како неверојатни. Фон дер Лајен нагласи дека веќе се гледа вистинска динамика во процесот на проширување, односно почната е конкретна дискусија во ЕУ како земјите членки да се подготват за проширувањето, што не било случај во текот на претходниот мандат на Унијата.

„Нешто значително се промени и работите стануваат конкретни. Прозорецот на можности веќе е отворен. Процесот не е строг, се заснова на заслуги. Колку е побрз процесот на реформи, толку побргу ќе дојде можноста за пристапување“, порача Фон дер Лајен.

Таа е децидна дека треба да се искористи моментот коментирајќи дека е свесна за тековната работа во врска со измените на Уставот. Рече дека првите чекори се преземени во Собранието, па се надева дека сите партии ќе ја искористат можноста да се приближат напред.

„Уверена сум дека еден ден ќе ја пречекаме Северна Македонија со нејзиниот уникатен идентитет и нејзиниот сопствен јазик. Веќе имаме 24 јазици во ЕУ, а еден ден ќе го вброиме и македонскиот меѓу нив. Северна Македонија веќе постигна многу, изоде многу, и мојата желба е дека апсолутно треба да продолжите“, рече претседателката на Европската комисија.

Скрининг-процесот се одвива беспрекорно, додаде Фон дер Лајен, и целта, како што рече, е да се отворат преговорите на кластерот „Основи“ оваа година.