Патот до ЕУ не е лесен, но мора да се изоди бидејќи на крајот наградата е членство во Унијата на најбогатите држави и врвно владеење на демократијата и правото, изјави на прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, првиот човек на Владата, Димитар Ковачевски.
Премиерот рече дека претстои уште многу работа, но уверен е дека членството во ЕУ до 2030 година е амбициозна, но остварлива цел.
„Нашите граѓани ќе живеат во ЕУ горди што се Македонци, со крената глава, со македонски јазик и идентитет и побогати и со подобар стандард од она што го имаат сега“, рече Ковачевски.
За претстојното гласање на уставните измени, премиерот рече дека се надева оти оние што секогаш биле против евро-атлантските интеграции сега ќе покажат дека се за европска иднина.
„Сега има можност за пристапување во ЕУ. Темата претходно во Унијата не беше тема на широк консензус, а сега сите се едногласни дека треба да има проширување, што значи обединување на Европа. Ние имаме институции што се целосно усогласени со ЕУ. Сите да си ја земат одговорноста во свои раце. Со вакви работи не се калкулира и не се игра со емоции на граѓаните. Ќе значи повторување на еден лош филм. Лошите искуства од историјата не смее да се повторуваат“, порача премиерот.
Во обраќањето тој се осврна на успесите на земјата во изминатите години коментирајќи дека по деценискиот застој до статус на заробена држава, шест години подоцна, Северна Македонија е членка на НАТО со почнати преговори со ЕУ, кога голем број граѓани, па и земји членки на ЕУ, се прашуваа дали Северна Македонија може да ги почне преговорите и дали може да има преговарачка рамка.
„Покажавме дека може. Имаме Влада, која е транспарентна, отчетна, овозможи земјата да биде на 38. место во слободата на медиумите наспроти 118. место, на кое беше во 2016 година. Земја во која социјалната правда е основен принцип и резултира со покачување на платите и пензиите“, додаде Ковачевски.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес е во посета на земјата, на средби со државниот врв.