24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Обраќање на Елизабета Ѓоргиевска на презентацијата на националните наоди од меѓународната ХБСЦ студија „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст“

Сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, на Филозофскиот факултет во Скопје имаше поздравно обраќање на презентацијата на националните наоди од меѓународната ХБСЦ студија „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Република Северна Македонија“, во коорганизација на Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска и Филозофскиот факултет при УКИМ.

Проф. д-р Ѓоргиевска нагласи дека резултатите од последниот циклус на оваа значајна лонгитудинална студија се клучни за расветлување на критичните аспекти на здравјето на младите и отвораат можност за уште позначаен напредок во иднина. „Истражувањето и дискусијата за овие теми останува императив, бидејќи досегашните резултати нудат длабок увид во суштината на проблемот или ако сакате, избегнувањето на проблемите во контекст на здравјето на децата и младите. Превенцијата и зачувувањето на здравјето, како и предвидувањето на потенцијалните идни состојби кои би можеле да влијаат на нивниот севкупен развој, се и натаму на врвот на листата на овие приоритети.“ – потенцираше сопругата на претседателот.

Во продолжение интегралниот текст од обраќањето на сопругата на Претседателот.

Почитувани присутни, драги пријатели,

Оваа прилика денес е од големо значење, бидејќи не само што презентира резултати од последниот циклус на студијата, која во 2022 година одбележуваше 20-годишнина од спроведувањето на Меѓународната студија „Однесувања поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Република Северна Македонија“, за чиј исклучителен придонес зборувавме минатиот пат, туку го слави и продолжувањето на нашата одлична соработка со Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска, како носител на оваа извонредно-значајна лонгитудинална студија.

Минатогодишниот собир беше клучен за расветлување на критичните аспекти на здравјето на младите и верувам дека го отворија патот за уште позначаен напредок во иднина. Истражувањето и дискусијата за овие теми останува императив, бидејќи досегашните резултати нудат длабок увид во суштината на проблемот или ако сакате, избегнувањето на проблемите во контекст на здравјето на децата и младите. Превенцијата и зачувувањето на здравјето, како и предвидувањето на потенцијалните идни состојби кои би можеле да влијаат на нивниот севкупен развој, се и натаму на врвот на листата на овие приоритети.

Ќе потсетам дека животните навики на нашите деца и млади луѓе се обликувани од нивната физичка, ментална и социјална благосостојба. Како родители, воспитувачи и здравствени работници, ние мора активно да реагираме преку нудење насоки и образование усогласени со нивното однесување и развојни потреби. Средината во која живеат и функционираат младите има извонредна важност, со посебен акцент на поддршката што ја добиваат во обликувањето на нивниот начин на живот, негувањето на нивното внатрешно јас и заштитата на нивното ментално и психофизичко здравје. Без разлика дали оваа поддршка потекнува од семејството, образовното опкружување, поширокото општество од чиј дел се и нивните врсници или пак од т.н. „онлајн“ заедница, која сè повеќе влијае на навиките на нашата млада генерација. Тема која бара осврт и настан од ваков тип, сама по себе, со оглед на комплексноста и испреплетеноста токму со секојдневниот, или со речникот на најмладите – „офлајн“ свет.

Неопходно е да се најде вистинскиот начин за тие да ги разберат последиците од штетните навики, да ја совладаат уметноста на организирање на своето слободно време и вешто да го обработат богатството на информации во нивната околина, што им овозможува да ја подобрат нивната ментална и емоционална благосостојба.

За крај, би сакала да се заблагодарам што ми ја укажавте честа да бидам дел од ова значајно заедничко патување кон посветло и поздраво утре; и воедно да ја поздравам посветеноста на оние кои неуморно работеа за да ја направат оваа студија реалност, вклучувајќи ги нашите посветени истражувачи, едукатори, лекари, психолози, социјални работници и безброј други вклучени во овој процес – архитектите на сегашноста и иднината на нашата младина.