25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Македонските студенти на британските универзитети се силен потенцијал за развој на македонската држава

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска се сретна со група македонски студенти кои студираат на престижните британски универзитети при нејзината посета во Лондон по повод 30-годишнината од воспоставувањето на македонско-британските дипломатски односи. Оваа средба беше организирана од Македонската амбасада во Лондон.

– На универзитетите во Обединетото Кралство, кои важат за едни од најпочитуваните во светот и се карактеризираат со вековна традиција, не е мал бројот на македонски студенти. Ми причинува задоволство што имав можност да остварам средба со талентирани и амбициозни млади интелектуалци, стипендисти, поддржани од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија и од „Чивнинг“ – меѓународна програма за стипендии од Владата на Обединетото Кралство, – истакна Костадиновска-Стојчевска.

На средбата, студентите кои ги стекнуваат своите знаења на универзитетите во Лондон, Манчестер, Бристол, Виндзор ја информираа министерката дека нивната заедница на стипендисти е најголема во Манчестер.

Тие ги споделија придобивките од студиите на универзитетите во Обединетото Кралство, при што рекоа дека нивна заедничка цел е професионално да се реализираат во својата држава. Искрено веруваат дека во матичната земја ќе се валозираат нивните знаења и искуства од британските универзитети и ќе бидат препознаени придобивките од нивна вклученост во унапредување на секторите за кои се школувани.
Македонските студенти ја искажаа својата подготвеност и желба да ги имплеметираат своите вештини во развојот на македонската држава. Посочија дека е корисно да ги употребат сите меѓународни врски што ги стекнале во студентските кампуси за да привлечат странски инвестиции и да отворат сопствени бизниси. На тој начин, преку контактите и вмрежувањето што ги оствариле во Обединетото Кралство, ќе можат да ги зајакнат политиките на локално ниво и ќе придонесат за развој на македонската економија, во сопствената татковина.

– Разговаравме за начините како активно да се поддржат нивните идеи со фокус на иновации и истражувања и да се спроведат нивните иницијативи заеднички, со заложбите на Владата и на Министерството за култура. Покрај дефицитарните кадри во државата, треба да се искористат и да се пополнат и местата за професионалните кадри кои ни се потребни и неопходни за во иднина, преку активно вклучување на младите студенти и професионалци, кои се двигатели на секое општество – истакна Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека е од непроценливо значење што престојуваат и учат во Обединетото Кралство бидејќи тоа е ретка можност да се запознаат луѓето од целиот свет и да се научи повеќе за нивната култура и традиција.