27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Николовски: За граѓаните ЕУ е најдобра алтернатива, стравот од губење на идентитетот е зачинет со дезинформации

Мнозинството граѓани во земјава сметаат дека влезот во Европската Унија е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, и дека односот е два спрема еден, што е позитивна бројка на која треба да се задржиме, вели Димитар Николовски, извршен директор на Евротинк – Центар за европски стратегии, во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.

Со Николовски зборуваме и за: Какви се ставовите на граѓаните за демократијата во Република Северна Македонија? Какви се ставовите на граѓаните за Европската Унија? Од кого и како би сакале да добијат информации и знаења за поглавјата/кластерите, за пристапниот процес, на Северна Македонија со Европската Унија? За нивните стравови од губење на идентитетот, јазикот и името доколку нашата држава стане дел од ЕУ? Како медиумите известуваат за темите поврзани со евроинтерацискиот процес, односно како се справуваат со дезинформациите и анти-ЕУ пропагандата?

Николовски вели дека не сме уникатни во однос на дезинформациите, односно традиционалните медиуми се борат со нетрадиционалните медиуми и со интернетот, а истовремено се борат и за средства, тоа бара и некој поголем сензационализам, а често меѓу сензационализмот се состојат дезинформациите и пропагандата.

„Имаме прилично добар невладин сектор што се бори против дезинформациите, меѓутоа се бори со едни чудовишта на пропагандата на кои и многу понапредни и подемократски општества од нашето не можат да се справат и да изнајдат решенија. Борбата против дезинформациите е еден долг процес и мора да се работи многу повеќе со граѓаните и со развивање на медиумската писменост кај граѓаните“, вели тој.

На прашањето дали доколку дезинформациите не беа толку активни во изминатиов период ќе ги имаа овие резултатити од истражувањето, тој додава дека веројатно резултатите немаше да бидат исти, особено во однос на индикаторите за демократијата дали се движиме во правилна насока, а што се однесува до информирањето преку социјалните мрежи тоа е светски тренд.

Граѓаните за политички теми најчесто се информираат преку интернет – 56 проценти, од кои над 90 проценти се информираат од социјалните мрежи, а само 28,2 отсто од онлајн портал – медиуми, покажуваат резултатите од анкетата ЕВРОМЕТАР 2023.

На прашањето „како се информирате за политички теми“ најмногу или 56,5 проценти од испитаниците одговориле преку интернет, потоа следат 43,5 отсто преку телевизија, 12,5 проценти од пријатели/фамилија и 1,8 отсто преку радио. Околу 13,4 проценти од испитаниците одговориле дека не се информираат.

Најголем процент од испитаниците кои гледаат закана сметаат дека во овој момент тоа е Бугарија – 79 проценти, по што следи Русија со 6,3 проценти, Албанија за 2,7 отсто и Србија за 2,4 проценти.

„За разлика од лани, заканата од Бугарија беше 29 отсто, а сега е за 50 отсто зголемена“, вели тој.

На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјава”, најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД за 13,7 проценти, Турција за 10 проценти и ЕУ за 8,4 отсто од испитаниците.

Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.

Испитувањето на јавното мислење е спроведено во рамки на проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ со финансиска поддршка од Европската Унија.

Извор: Civilmedia.mk