Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница, говореше за динамиката на изградбата на поголемите проекти кои нашата држава ја позиционираат на европска мапа. Премиерот потенцираше дека Владата е посветена на остварување на деценискиот сон на граѓаните, во создавање на модерна држава со развиена патна инфраструктура, која Северна Македонија ќе ја зацврсти на светската регионална и европска економска и инвеститорска мапа.
„Вложувањето во инфраструктурата претставува влог во развојот на економијата. Вложуваме во проекти со коишто не само што го стимулираме економскиот развој, а државата ја придвижуваме и ја доближуваме сѐ поблиску до ЕУ и до поврзување со коридорите кои што значат зголемување на трговијата со европските држави и пред сѐ со државите од регионот, туку претставуваат и зголемување на животниот стандард во регионите во државата во кои што до сега немало современа патна инфраструктура во текот на сите изминати три децении од нашата независност. Ова најмногу поради фактот што инвестираме во модерна и безбедна патна мрежа насекаде низ нашата држава, со што создаваме услови за нови бизниси, нови работни места и го менуваме имиџот на нашата држава како место со предвидлив и поволен деловен амбиент за нови инвестиции во различни сектори“, рече Ковачевски.
Од собраниската говорница, премиерот истакна дека Владата почна да реализира проекти кои досега со години стоеле само на хартија и биле заборавени со децении.
„Интензивно се одвива реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект досега, а тоа е изградбата на Коридорите 8 и 10-д, кои се паневропски коридори.
Со извршените минирања на делниците од двата Коридори 8 и 10-д во изминатиот период, практично се интензивираше изградбата на околу 110 километри автопатишта преку коишто, за прв пат, по 30 години преку нова и модерна патна инфраструктура ќе се поврземе со исток и запад. Градиме конекции со нови пристаништа во Драч и во Бургас и ги зајакнуваме транспортните врски со регионот, од кои што придобивките ќе бидат огромни. Изградбата на Коридорите 8 и 10-д само на почетната фаза значи нови 8.000 работни места, а целиот проект ќе значи 8.000 работни места во државата, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години. Отвораме можности за наши компании и наши работници да бидат ангажирани и да учествуваат во изведбата на овој најголем и најзначаен инфраструктурен проект во нашата држава. Затоа, беа организирани и саеми за вработување со што се упати апел до граѓаните и нашите компании да не ја пропуштат оваа шанса и да се вклучат во изведбата на овој проект, кој е изведуван од страна на едни од најголемите светски конзорциуми од оваа област „Бехтел“ и „Енка“, рече премиерот.
Модерната патна инфраструктура освен што е можност за ширење на друг вид дејности како отворање хотели, бензински пумпи, ресторани, исто така значи и рамномерен регионален развој на државата, можност за ангажман на домашни компании кои работат на овие големи капитални инвестиции. Ковачевски во одговорот на пратеничкото прашање истакна дека се гради низ цела држава.
„Ова е година на историски инвестиции, инвестиции кои ќе се паметат и кои ќе останат за идните генерации. Годинава беше пуштен во употреба и магистралниот пат Куманово -Страцин, инвестиција вредна 12 милиони евра, со што го реализираме зацртаниот проект за реализација на источниот дел на Коридорот 8. Вкупната должина на патната делница Куманово – Страцин е 31 километри и се рехабилитира за прв пат после повеќе од 32 години. Овој пат никогаш досега не бил рехабилитиран, проширен и никогаш не добил нов лик како што е тоа случај денес. Интензивно се извршуваат градежните работи на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, каде што дополнително со реконструкцијата и проширувањето со дополнителна трета лента до граничниот премин Деве Баир со Бугарија, на источниот крак ќе имаме комплетен патен Коридор 8 каков што никогаш во историјата нашата држава немала. Кога зборуваме за експресниот пат Ранковце- Крива Паланка се работи за една исклучително тешка делница, меѓутоа граѓаните ќе се уверат дека тоа ќе биде една од најмодерните магистрални патишта кои што ги има во нашата држава“, рече претседателот на Владата.
Премиерот додаде дека Владата гради комплетно ново патно решение од Коридорот 10Д, исклучувањето кон Прилеп, Битола и патот кон Меџитлија кон грчка граница.
Го најави пуштањето на патниот правец кон границата со Албанија, кон Ќафасан.
„Од 2017 до 2023 година се вложени преку 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. А сега, со изведбата на Коридорите 8 и 10-д, во следните 4 години ќе се градат по 23 километри автопат годишно“, рече Ковачевски.
Изградба на регионален пат Извор-Гарски Мост, треба да се заврши во 2024 година. А премиерот ги наведе и рехабилитациите на патните правци кои се во тек и треба да се завршат во најкраток временски период, како регионален пат Велес-Градско, регионален пат Битола-Меџитилија, Подмоље-Струга -Ќафасан, Скопје-Блаце, Катланово-Велес, Струмица-Дабиле итн.
„Сите овие инфраструктурни инвестиции се траен влог кои што остануваат во наследство на идните генерации и кои што им овозможуваат да имаат полесна комуникација меѓутоа и можности за отворање на нови бизниси и поврзување со земјите од регионот“, рече Ковачевски.