24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ја посети изложбата „Ромски партизани – фотографии и биографии“

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја посети изложбата „Ромски партизани – фотографии и биографии“ чиј автор е Даниел Петровски, а е во организација на Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност „Романо Ило“ – Скопје.

На изложбата се претставени 50 Роми борци кои учествувале низ различни бригади и дивизии во НОБ за време на Втората светска војна. Истата преставува презентација на повеќегодишното истражување на авторот, истражувач посветен на ромската култура, како и на ромското прашање за време на Втората светска војна.

При посетата на изложбата во Шуто Оризари, претседателот Пендаровски имаше можност да се запознае и да поразговара со дел од семејствата на борците и со посетителите на изложбата.

Целта на изложбата е да се потврди заложбата на ромските борци за слободата на нашата држава за време на Втората светска војна. Според истражувањата, во НОБ учествувале најмалку 200 партизани Роми. Темата „Ромски партизани“ од територијата на нашата земја е важен дел од историјата на Ромите која сè уште не е доволно промовирана во јавноста, а се наоѓа во колективната меморија на заедницата.

Изложбата беше отворена вчера во О.У „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари, на 7 ноември ќе биде поставена во населбата Топаана, а од 13 до 17 ноември ќе биде отворена за посетители во Музејот на Македонија.