Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, заедно со министерот за економија, Крешник Бектеши ја посетија компанијата „МИС Глобус ДОО“. Премиерот Ковачевски при посетата ги презентираше владините мерки за приватниот сектор кои им овозможуваат на компаниите да го модернизираат и зголемуваат производството, и истовремено да имаат и понисики производствени трошоци.
„Со помош на ИПАРД средствата од близу 65000 евра, „Мис Глобус“ се одлучи да се фокусира на иднината со поставување на фотоволтаичен систем и соларни панели со цел да ги намали трошоците за производство на месни продукти и резултатот денеска е видлив-помали трошоци, поголемо производство и подобар пласман“, изјави премиерот Ковачевски во своето обраќање при посета на компанијата, при што ја поздрави нивната одлука да ја применат мерката „гарантирана цена“ и со тоа да излезат во пресрет на потребите на граѓаните и да го помогнат стабилниот курс на нашата економија.
Премиерот Ковачевски потенцираше дека, Владата презема мерки и поддржува иницијативи за рационално искористување на обновливите извори на енергија и нивно ставање во функција на целосна енергетска ефикасност и енергетска независност на нашата држава.
„Во услови на криза, успеавме да го зголемиме домашното производство на електрична енергија, па дури и да извезуваме струја. Од Република Северна Македонија создаваме Зелен Енергетски хаб на Европа и тоа може да го потврдат кои ги прават анализите во делот на инсталирање на обновливи извори на енергија. Нашата стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е целосно заснована на европскиот зелен договор и веќе ја спроведуваме во земјата. Владата која јас ја предводам, ќе остане запаметена како Влада во чиј мандат е инсталирана најголема моќност на обновливи извори на енергија“, рече премиерот Ковачевски во своето обраќање пред присутните.
„Уште од почетокот на енергетската криза, претходно и за време на пандемијата, носевме навремени економски оправдани мерки, помогнавме да се одржи ликвидноста на компаниите, носевме автономни царински мерки за да можат компаниите да ја задржат својата ликвидност, но и мерки од другите области кои го засегаат нивното работење, како на пример поддршката за исплата на плати на вработени, или поддршка за зголемување на платите на вработени кај нашите производни и услужни компании.
За само една година ја преполовивме инфлацијата, носиме мерки во интерес на сите со цел во последниот месец од година инфлацијата да ја сведеме на 5%“, подвлече премиерот Ковачевски, додавајќи дека со замрзнување и намалување на цените на основните прехранбени продукти и обезбедување на ‘гарантирана’ цена на производите, како и со владината одлука за допрецизирање на повластената стапка на ДДВ од 5% за најголем дел од основните прехранбени производи, се создадени предуслови за намалување на инфлацијата на 5 отсто до крајот на годината.
Министерот за економија, Крешник Бектеши ги повика и другите стопанственици во државата да го следат примерот на компанијата „МИС Глобус“ во делот на предизвиците со кои сите треба да се соочуваат како стопанство со инвестиции во енергетска независност.
„Тоа значи енергетска независност, тоа значи намалување на оперативните трошоци, со што нашите компании ќе станат поконкурентни, ќе можат да отворат нови работни места и да освојуваат нови пазари“ рече министерот Бектеши.
Министерот Бектеши потенцира дека се подготвени сите правилници и подзаконски акти во делот на воведување и дополнителна можност на сите компании кои инвестирале во фотонапонски централи, во делот на складирање на електрична енергија во моментот кога ќе имаат вишоци.
Министерството за економија, како што спомена министерот Бектеши, во текот на следните две недели ќе ја усвои Уредбата во делот на воведување на гаранција на потекло што е механизам на Европската унија посебно во делот на производство на електрична енергија од обновливи извори.