„Ова е втор самит во нашиот регион и тоа само ја потврдува важноста на регионот за ЕУ, особено во денешниот геополитички контекст што можевте да го видите од сите изјави кои денес беа кажани. Навистина е важно што денес земјите од Западен Балкан седнавме заедно со земјите членки на ЕУ да разговараме за теми кои се од заеднички интерес. Тоа ја демонстрира недвосмислената поддршка на Унијата за регионот на Западен Балкан„, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана.
Тој додаде дека денот бил продуктивен, во согласност со очекувањата, и дека се одржале две работни сесии на кои се разговарало за интеграцијата на регионот во единствениот пазар на ЕУ како една од клучните придобивки која ќе обезбеди брз економски раст и развој, подобри можности за граѓаните и деловната заедница, подобар животен стандард, нови инвестиции, подобри плати и се разбира подобра инфраструктура.
„Разговаравме и за напорите за обезбедување на енергетска и дигитална транзиција во контекст на моменталната геополитичка состојба и економско-енергетската криза во која живееме. Северна Македонија е посветена на имплементацијата на Зелената Агенда и ние сме и предводници во оваа смисла, со оглед на фактот дека кризата ја препознавме како можност и енергетската транзиција кај нас е веќе реалност“, потенцираше Ковачевски.
„За 20 месеци, имаме скоро половина гигават, односно 500 мегавати инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија. Тоа беше потврдено и од состанокот кој го имав утрово со претседателката на ЕБОР кои што се исто така вклучени во нашата енергетска транзиција како мултилатерална финансиска институција и веќе разговараме Северна Македонија да биде еден од позитивните примери на следниот состанок на КОП кој се одржува во текот на месец декември на кој би настапиле заедно со ЕБОР“, заклучи Ковачевски.