Иако е многу достапна и популарна храна без која повеќето луѓе не можат да замислат оброк, лекарите предупредуваат дека прекумерното консумирање леб може да доведе до неколку несакани последици по нашето здравје, пренесува Медикал њуз тудеј.
Зголемување на телесната тежина
Високиот внес на едноставни јаглехидрати, како што е претходно приготвениот бел леб, може првенствено да доведе до акумулација на килограми, односно до несакано зголемување на телесната тежина.
Зголемен ризик од дијабетес
Исто така, експертите предупредуваат дека прекумерното консумирање леб доведува до зголемен ризик од дијабетес. Имено, храната која содржи јаглехидрати, како што е лебот, предизвикува зголемување на шеќерот во крвта. Високиот шеќер во крвта може да доведе до уште поштетни исходи како што се срцеви заболувања, губење на видот и бубрежна болест, поради што е критично да го држите шеќерот во крвта под контрола.
Проблеми со кожата
Освен зголемување на телесната тежина и поголем ризик од дијабетес, доколку јадеме премногу леб, би можеле да имаме проблеми со здравјето на нашата кожа. Истражувачите откриле дека внесувањето храна со висок гликемиски индекс, а тоа е самиот бел леб, ја влошува состојбата на нашата кожа, доведува до формирање на мозолчиња или акни.
Запек
Проблемите со варењето се уште еден несакан ефект од прекумерното консумирање леб. Како што објаснуваат лекарите, поради недоволно внесување влакна може да дојде до пореметување во функционирањето на дигестивниот систем, што, меѓу другото, резултира и со запек.