25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

МЗШВ до младите земјоделци: Во тек е јавниот повик за поддршка во почнување земјоделска дејност

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги потсетува младите земјоделци дека до 15 октомври е активен јавниот повик за мерката 112 од програмата за рурален развој за 2023 година за поддршка на млад земјоделец, распишан од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој – АФПЗРР.

Мерката 112 се однесува на помош на младите земјоделци за почнување земјоделска дејност со финансиска поддршка до 600.000 денари од прифатливите трошоци по поединечен корисник.

Средствата од финансиската поддршка се наменети за инвестиции во набавка на нови основни средства, оперативни трошоци поврзани со набавените средства и други трошоци предвидени со Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година.

Максималната вредност на финансиска поддршка од корисник за мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100 % од направените трошоци. Средствата се доделуваат за период на реализација на деловниот план и се исплаќаат на годишно ниво во најмногу три рати.

Како корисници на мерката се јавуваат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој.

Поддршката за оваа мерка првпат од оваа година почнува да се исплаќа авансно, веднаш по потпишувањето на договорот, во висина до 40 % од вредноста на одобрените прифатливи трошоци

Напоменуваат дека во овој јавен повик како прифатлив трошок не се земаат набавката на трактор и приклучна механизација.

Барањата за аплицирање се поднесуваат по електронски пат по извршена регистрација на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Крајниот рок за доставување на барањата е 15.10.2023 година.