Република Северна Македонија е поставена на вистинскиот пат. Државата се развива според потребите на граѓаните, според модерните текови и во блиско пријателство со нашите стратешки партнери САД, државите членки на ЕУ и на НАТО, од коишто имаме силна поддршка за натамошниот развој, како никогаш досега“, истакна премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод празникот 11 Октомври – Ден на востанието; 11 Октомври на Плато Спомен Костурница во Куманово.
Тој нагласи дека ваквата позиција на нашата земја, овозможи највисоки износи на странски инвестиции, највисока државна поддршка на домашните претпријатија, највисоки досега плати и пензии, највисоки досега капитални инвестиции и дека овозможи, за прв пат од независноста на државата – стратешко домашно производство на храна и на струја, при што државата се издигнува и во зелен енергетски центар во регионот и Европа.
„Земјата веќе ја развиваме како заедничка држава на рамноправни народи: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други кои тука живеат, како принцип востановен уште за време на Крушевската Република и АСНОМ и како принцип по којшто функционира и самата Европска Унија. Предничиме и во регионот, па дури и во Европа, по почитувањето на различностите и по почитувањето на човековите права, затоа што историјата ни ја има покажано предноста на заедништвото“, потенцираше Ковачевски.
Тој додаде дека со тоа што ќе ја зајакнеме меѓуетничката инклузија, ние ќе излеземе само посилни, затоа што засекогаш ќе го разграничиме македонскиот идентитет од кој било друг идентитет и дека тоа, како што оценуваат и нашите големи пријатели, САД, не е излез за патот кон ЕУ, туку е врата за влез во Европската Унија, каде се гледа големо мнозинство граѓани во нашата држава.
„Тука во Куманово, кое прво поведе во победничката народноослободителна и антифашистичка борба, мултиетничкиот живот се негува со децении и векови. И тоа се покажа дека е движечката сила на револуционерниот дух на градот и неговиот прогрес. И ваквите примери мора да бидат пред нас, во одлуките што треба да ги носиме и во претстојниот период“, заклучи Ковачевски.