Со оглед на актуелната состојба во Израел, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи преземаат мерки со цел да се организира безбедно враќање на македонските државјани дома. Во моментов се разгледуваат сите расположливи можности за најбрзо враќање на нашите државјани во земјава, кои изразиле желба да се вратат во Република Северна Македонија и кои немаат други можности тоа да го остварат.
Имајќи предвид дека во Израел престојуваат поголем број државјани на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи веќе презема мерки, преку формираниот Кризен штаб, за евакуација на сите државјани на Република Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, а немаат/не можат да купат карти за комерцијалните авионски летови, или да ја напуштат територијата на Израел по копнен пат, преку Јордан.
Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Сверена Македонија. Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив.
Некои од нив се вратени во земјата со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, некои имаат купени авионски карти за комерцијални летови во наредните денови, а има и македонски државјани кои во моментов, не можат да излезат од Израел и очекуваат тоа да им се овозможи.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378.
Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.