Владината Комисија за човечки ресурси и одржлив развој, со која претседава заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа тематска седница посветена на состојбите во високото образование.
Покрај министерот за образование, Јетон Шакири и останатите членови на Комисијата, на седницата присуствуваа ректори и други претставници од универзитетите во Република Северна Македонија, Владо Гичев, претседател на Одборот за евалуација во високото образование, Абдулменаф Беџети, претседател на Интеруниверзитетската конференција, Јусуф Зеќири, претседател на Националниот совет за високо образование и научно истражувачката дејност како и Агим Рушити, директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.
Поаѓајќи од потребата за модернизација и промени во високото образование во земјава поради нискиот рејтинг на овие установи на меѓународните листи, како и воочените проблеми и нефункционалности при примената на Законот за високо образование, присутните ги споделија своите размислувања и предлози за промени од стратешки и концептуален аспект.
На тематската седница беа усвоени заклучоци за преземање итни и конкретни мерки во насока на надминување на слабостите:
– Министерството за образование и наука доби задолжение до крајот на 2023 година да изврши скрининг на сите институции и да ја информира Владата за состојбите во имплементацијата на Законот од страна на високо образовните институции.
– Министерството за образование и наука во соработка со Агенцијата за акредитација на високо образовни институции да направи извештај за тоа колку студиски програми се акредитирани и имаат дозвола за работа од Агенцијата за квалитет на високото образование и колку студиски програми не се функционални или имаат мал број на студенти.
– Министерството доби задолжение да ја насочи во функција на јавниот интерес Програмата за стипендирање на млад научен кадар.
– Поради увидената неекипираност на Агенцијата за акредитација на високообразовни институции во земјава, се препорачаа итни чекори за зајакнување на нејзините капацитети, согласно со стандардите пропишани со закон.
– На Интеруниверзитетската конференција и беше препорачано да формира инклузивна работна група на која ќе се разговара за сите забелешки наведени на седницата, а кои се однесуваат на законски и подзаконски измени и во рок од еден месец да ја информира владината Комисија.
Покрај овие заклучоци, вицепремиерката Грковска информираше дека на предлог на Кабинетот за политики за добро владеење, заедно со Министерството за образование и наука, ќе се формализира Работна група за креирање посебен Фонд за наука и иновации, во насока на издвојување повеќе средства за научно-истражувачка работа.