14. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

По петти јубилеен пат обележан Светскиот ден на вранецот

Денеска се одбележа Светскиот ден на вранецот со меѓународната конференција, која по јубилеен петти пат се одржа во М6 Едукативниот центар во Скопје. Од страна на Алан Делоар од Франција, Џовани Бигот од Италија и Клемен Лисјак од Словенија, беа презентирани научни анализи и податоци за основните карактеристики и предности на вранецот, при што, покрај другото, беше истакнато дека поради својата природна отпорност, вранецот има потенцијал за соочување со климатските промени и за проширување во други вински подрачја, вон нашиот регион.

На настанот се обратија министрите за земјоделство на нашата држава и на Црна Гора и претседателот на здружението „Вина од Македонија“.

Светскиот ден на вранецот е манифестација која е востановена пред пет години по иницијатива на здружението „Вина од Македонија“, а во соработка со регионални здруженија и винарници. Главната цел на обележувањето на Денот на вранецот е да се интернационализира оваа регионално присутна автохтона сорта и да се промовираат нејзиниот квалитет и карактеристики на меѓународната винска сцена. Со одржување континуитет на вакви настани, важни за македонската винска индустрија, се промовира земјата како конкурентна винска земја, достојна на признание во винскиот свет.