16.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Доктори се жалат дека нивни имиња и фотографии се користат за продажба на лекови без да знаат, реагира Лекарската комора

Лекарската комора јавно бара од Основното јавно обвинителство и од Министерството за внатрешни работи итно да постапуваат и да ја спречат злоупотребата на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите во функција на лажно рекламирање непроверени форми на медицински препарати, лекови, додатоци во исхрана, методи или помошни средства за лекување, кои се сè поприсутни на интернет-порталите и на социјалните мрежи.

Во Комората зачестено стасуваат поплаки од доктори што се жалат дека случајно откриваат оти нивното име и фотографија се користи за промоција и продажба на одредени производи, без нивна согласност или знаење. Оваа употреба на нивниот професионален интегритет има сериозни негативни последици како за нивната репутација како медицински професионалци така и за пациентите што може да станат жртви на оваа измама.

„Станува збор за манипулативни и лажни реклами за т.н. медицински производи, препарати и методи со непроверено потекло, состав или производство. Во рекламите се пласираат измислени изјави или интервјуа со вистински лекари и се објавуваат нивни фотографии, без лекарите да дадат соодветна согласност за користење на нивното име и професионален интегритет за рекламирање на овие препарати, поради што ова може да се смета за груба злоупотреба на личните податоци и лажно рекламирање за остварување материјална корист. Штетата е уште поголема кога поради лажното рекламирање на препаратите, пациентите може да добијат впечаток дека се работи за некои видови чудотворни лекови, а со тоа да ја занемарат редовната терапија и да предизвикаат сериозна штета врз своето здравје“, велат од Лекарската комора.

Комората ги охрабрува докторите жртви на вакви злоупотреби задолжително да пријават во Министерството за внатрешни работи и кога е можно, да ги предупредат пациентите за овие лажни реклами.

До надлежните институции, како што се наведува, поголем број лекари веќе имаат поднесено кривични пријави со соодветни докази. Комората и досега јавно реагира и предупредуваше преку соопштенија за последиците, но сè уште немаме информација за донесени јавнообвинителски одлуки за овие предмети.

Лекарската комора уште еднаш најостро ги осудува сите вакви злоупотреби и бара поажурно постапување за итно расветлување на случаите и соодветно санкционирање на сторителите. На овој начин ќе се заштитат и докторите и пациентите, ќе се превенира генерирање нови случаи на злоупотреба, но и ќе се спречи можноста за предизвикување штета врз здравјето на граѓаните.