24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Протестот за случајот на Онкологија е добредојден притисок за институциите, но не смее да се политизира

„Тоа што граѓаните протестираат јас го разбирам и нивната загриженост и нивниот бес. И правото на протест во вакви случаи е и добредојдено, затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа, но уште еднаш повикувам случајот да не се политизира, бидејќи овде се работи за истражни дејствија кои што ќе бидат спроведени на најпрофесионален начин, и во кој што нема да се прави пардон за никого“ рече премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите на поставувањето на камен-темелникот за доградбата на ОУ Коле Неделковски во Дебар Маало.

Тој додаде дека очекува да биде спроведена професионална и брза истрага која што ќе идентификува поединци кои што се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела.

„Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални и прекрасни доктори кои што се грижат за нашето здравје“ рече Ковачевски.

Премиерот рече дека актуелната директорка на Клиниката за Онкологија соработува со истрагата заедно со нејзините колеги и додаде дека политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање на некого.

„Затоа повикувам да не се политизира случајот и институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато“ рече Ковачевски.