24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: По 65 години проширување на капацитетите на ОУ „Коле Неделковски“

Општина Центар денес постави камен-темелник за доградба на четири уличници, пристапни влезови, скалишно јадро и лифт за учениците со потешкотии во движењето во ОУ „Коле Неделковски“.

На настанот за поставување на камен темелник, кој го означи и стартот на градежните активности покрај градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски присуствуваше и претседателот на Владата Димитар Ковачевски. Градоначалникот Герасимовски истакна дека инвестицијата за проширување на капацитетите е прва после 65 години од отворање на училиштето.

„Четирите нови училници кои се градат значат повеќе од 100 нови ученици кои секојдневието ќе го поминуваат во нови пријатни и осветлени простории. Со доградбата се планира и ново скалишно јадро кое ќе го олесни пристапот до новата доградба, а новиот лифт ќе им обезбеди непречен пристап и на учениците со потешкотии во движењето. Пристапна рампа се планира и во приземниот дел покрај скалишниот пристап, а обезбеден е и помошен излез од задниот дел на објектот. Во внатрешниот приземен дел обезбеден е тоалет за лица со инвалидитет додека веќе постојните санитарии ќе бидат наменети и за новиот дел од доградбата. За сите прозорци од внатрешна страна се обезбедени брисолеи, додека на надворешна страна на прозорите ќе бидат поставени НАНО филтри кои обезбедуваат чист воздух“, изјави Герасимовски.

Општина Центар се грижи за развојот и напредокот на учениците затоа вложува во подобри услови за образование и поголеми успеси на учениците. Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски смета дека инвестициите во образованието кои ги прави Општина Центар се на линија на определбите на Владата за современ образовен процес како во делот на наставата, така и во делот на обезбедување модерни просторни услови за негова реализација.

„Не постои нешто што е поважно од потребите на децата. И затоа, ја поздравувам континуирата определба на Општина Центар да вложува во унапредувањето на условите за воспитување и образување на децата според модерни, европски и светски стандарди, бидејки децата се иднината на државата. Општина Центар треба да биде пример и за другите општини низ државата, за тоа што значат вистинска грижа за реалните потреби на луѓето и вложувања според современи стандрадри, какви што заслужуваат и македонските граѓани, како и граѓаните во Европа, кон којашто целиме“, истакна Ковачевски.

Општина Центар известува дека поради динамиката при одвивање на јавната набавка градежните активности мора да започнат со стартот на учебната година, иако планот бил истите да се одвиваат по завршување на училишната година во јуни и да траат за време на летните месеци. Општината Центар исто така известува дека при изведување на градежните зафати запазени се сите безбедносни мерки за учениците и другите вработени и посетители во училиштето и воедно замолува за трпеливост и разбирање додека траат градежните активности.