24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Советот на Народната банка одржа редовна седница: Усвоен Среднорочен план на активности за управување со ризиците поврзани со климатските промени

Советот на Народната банка на својата редовна седница го усвои првиот Среднорочен план за активностите на Народната банка во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година. Со овој план се поставува сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за активностите поврзани со управувањето со ризиците од климатските промени. Ефектите од климатските промени имаат глобален карактер и ги засегаат сите општествени сфери. Климатските промени се важно прашање за централните банка поради ефектите на истите врз ценовната и на финансиската стабилност.

Народната банка во изминативе неколку години активно работи во оваа област, со вклучување на зелените финансии во стратешките цели на Народната банка, активно членство во меѓународна мрежа на централните банки и регулаторите, воспоставување на редовни податоци за зелените финансии, како и промени во монетарните инструменти во насока на поддршка на одржливото финансирање. Преку спроведување на новиот среднорочен план, активностите на Народната банка ќе бидат насочени кон унапредување на постојната регулативна рамка и кон донесување Насоки за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени од страна на банките. Народната банка ќе го зајакне и супервизорскиот пристап, со постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на ризичниот профил на банките. Имајќи го предвид значењето на отпорноста на финансискиот систем кон ризиците поврзани со климатски промени, централната банка предвидува подготовка на повеќе анализи на влијанието на овие ризици врз банкарскиот систем, како и спроведување стрес тестови. Во Планот е нагласена и важноста на координацијата на активностите во земјата и потребата за соработка со други државни институции и тела, имајќи предвид дека климатските прашања бараат координиран национален пристап. Со спроведување на Среднорочниот план се очекува подобро разбирање на климатските ризици, нивно вградување во анализите на банкарскиот систем и на монетарната политика и подобрување на потенцијалот на банкарскиот систем за поддршка на преминот на економијата кон зелен и одржлив развој.

Советот го усвои и Годишниот извештај за надзор на платните системи и дадените препораки за 2022 година. Установено е дека платните системи функционираат со висок степен на сигурност и оперативна расположливост, при што достапноста е на највисоко ниво.

На седницата, Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.