Делата на Мисирков и Шопов во фокусот на конференцијата за јазик, литература и култура со најдолга традиција во регионот
Голем јубилеј, значаен за македонистиката и за македонската држава – 50. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Конференцијата е отворена денес во Охрид, со учесници од дури 15 држави, покрај нашата. Истражувачи од Кина, Шведска, преку Турција, до учесници од словенските земји и од земјите од регионот, но и од други земји во кои на универзитетски центри има традиционален интерес за македонистиката се пријавени на Конференцијата за да ги презентираат своите нови научни согледби од областа на македонистиката. Сите со определба да ги истакнат посебностите на македонскиот јазик, литература и култура преку своите најнови истражувања и да ги афирмираат низ светот. Најголемиот дел од трудовите што ќе бидат презентирани се однесуваат на делата на Крсте Мисирков и Ацо Шопов.
Конференцијата ја отвори претседателот на државата, Стево Пендаровски, по што свечено обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а поздравната реч од името на МСМЈЛК при УКИМ ја одржа директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Во рамките на пленарната сесија, учесниците ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Претседателот Пендаровски ја истакна значајноста на Конференцијата и важноста на странската македонистика, одделно осврнувајќи се и на темите кои се во фокусот на ова конференциско издание – делата на Мисирков по повод 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ и на Шопов, по повод 100 години од раѓањето на великанот, со увереност дека од оваа Конференција ќе произлезат и нови научни трудови, важни за домашната и странската македонистика.
– Токму од оваа Конференција се произлезени научните трудови кои се клучни референци за меѓународната, научна верификација на македонистичките научни вистини на современ план. Преку неа се покажа и непрекинато се покажува дека, зад тие вистини, со своите македонски колеги, стамено застананаа и најзначајните странски слависти и балканисти, а потем и странските македонисти. Токму нивните имиња се дел од историјата на оваа Конференција. Оттука, особено ми е драго што и на ова јубилејно издание на Конференцијата има состав на учесници како на ретко кој друг научен собир од областа на филологијата, истакна ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во своето обраќање, тој напомена дека во децениите зад нас, оваа Конференција била и приказ на научната стварност во различните периоди и влог во иднината.
– Така е и денес! Тоа го потврдува и ова нејзино, јубилејно, 50. издание на кое повторно, покрај докажани и искусни кадри учествуваат и млади истражувачи – домашни и странски, посветеници на македонскиот јазик, литература и култура. Затоа, чувствувам обврска и да констатирам: не само флоскулно и поводно, туку суштински значајно за науката, 50. Меѓународна научна конференција е синтеза на историјата, сегашноста и иднината. Ова издание на Конференцијата е и влог во иднината!, порача Јанкуловски.
Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска посочи дека преку оваа, Меѓународна научна конференција се потврдува дека идеите го обликуваат текот на историјата.
– Пред 50 години, темелите на оваа Конференција се поставени заради идејата дека само преку поттикнување на научната дискусија меѓу странските и домашните македонисти, балканисти и слависти, на современ план може да се очекува сестрана афирмација на македонистичките научни согледби и заклучоци. Доследноста во остварувањето на таа идеја со непрекинато организирање на Конференцијата доведе до постигнувања кои денес се нови важни страници на историјата испишани од странските и домашни македонисти-научници, истакна Мојсова-Чепишевска, по што се осврна на предизвикот да се организира ова јубилејно конференциско издание.
Таа и нагласи дека во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“ се работи на библиографија во која ќе бидат презентирани сите трудови од вкупно 50 изданија на Конференција, која ќе биде и влог во иднината на домашната и странската македонистика. На едно место ќе ги има сите клучни референци за македонистиката, од странски и домашни научници од изминативе 50 години, како што посочи Мојсова-Чепишевска.
Во рамките на свеченото отворање беше промовиран и зборникот од минатогодишната, 49. Меѓународна научна конференција. Промотивна реч за изданието имаа минатогодишните координаторки – проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, за лингвистичката секција и проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература, за секцијата за литература и култура. Промотивната реч на Георгиевска-Јаковлева, со својот прочит ја пренесе д-р Биљана Рајчинова-Николова од Институтот за македонска литература.
Работата на Конференцијата продолжи со пленарна сесија на која своите реферати ги изложуваат повеќемина истакнати истражувачи – слависти, балканисти и македонисти од земјата и од странство, а во рамките на која ќе се обрати и министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска. По пленарната сесија, во следните три дена, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура на Конференција, на кои ќе бидат презентирани близу 70 нови научни трудови.
Како што беше истакнато на отворањето, македонската и меѓународната академска заедница немаше подобар повод и подобра можност да даде свој научен придонес за достојно чествување на двата големи јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков и 100 години од раѓањето на Шопов, од оваа Конференција, во чиј фокус годинава ќе се токму делата на двајцата великани.
На Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.
Кооординаторка на лингвистичката секција на 50. Меѓународна научна конференција е проф. д-р Гордана Алексова, а на секцијата за литература и култура, проф. д-р Искра Тасевска-Хаџи-Бошкова, и двете од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Конференцијата е дел од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ под покровителство на претседателот Пендаровски, а се организира и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Според програмата, 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ ќе трае до 3 септември 2023 година, а презентираните трудови ќе бидат објавени во одделен зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период.