24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Бачовски: Исплатени речиси 22 милиона денари од интервентниот фонд како финансиска поддршка за расадена и продадена зимска зелка

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализира исплатата по основ на финансиска поддршка за трошоци за расадена или продадена зимска зелка.

Корисници на оваа поддршка се сите земјоделски стопанства, кои во август 2022 година имаат расадено зимска зелка на отворено или имаат расадено зимска зелка на отворено и продадено зимска зелка до 15 април 2023 година од најмалку 5.000 килограми на хектар.

Висината на финансиската поддршка изнесува 61.000 денари од хектар за расадена зимска зелка.

„Оваа мерка беше цел на дискусии помеѓу институциите од секторот земјоделство и производителите по што се утврди дека за поддршка на производителите на зимска зелка државата ќе одвои буџет до 30 милиони денари. По донесување на мерката, беше спроведена контрола на прибирање на барањата за финансиска поддршка и нивна административна обработка по што беа доставени налозите за исплата на корисниците до Министерството за финансии, кое денеска ги трансферира средствата до сметките на земјоделците“, информира Бачовски.

Со оваа мерка се опфатени 476 производители на зимска зелка од Валандово, Гевгелија и од Струмица, а поддршката е во вредност од речиси 22 милиона денари.