23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Тренчевска за ТВ 21: Креираме системски решенија и кога нема да имаме инфлација пензиите повторно ќе растат

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на гостувањето во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за актуелната методологија за усогласување на пензиите, барањето за линеарно зголемување на пензиите на дел од пензионерите, социјалните мерки наменети за пензионерите, Општиот колективен договор за јавен сектор, платите на функционерите и недостигот на работна сила во државата.
Во врска со најактуелната тема изминатите денови односно пензиите, министерката Тренчевска информираше дека во тек се средби со здруженијата на пензионери, но и со иницијативните одбори на пензионери кои протестираат во повеќе градови, а со цел да се слушнат нивните барања и да се дискутира околу истите.

„И јас се согласувам дека најниските пензии се мали. Но, износот на пензиите зависи од тоа колку во нашиот работен век сме придонеле во пензискиот систем и во должината на работниот стаж. Не можеме да ги изедначиме луѓето кои работеле 45 години, и луѓе кои работеле 15 години. Не може да ги изедначиме луѓе кои работеле на сложени работни места, и имале поголеми плати, и луѓето кои имаат минимална плата, а платата се формира согласно сложеноста на работа. И тоа што го инвестираме во пензискиот фонд низ работниот век, тоа ни се враќа со пензиите“, изјави Тренчевска.

фото Centar.mk, © copyright

Министерката истакна дека во времето на носење на методологијата за усогласување на пензиите, пензионерите биле консултирани преку нивните здруженија и не биле против.

„Во септември не очекува покачување на пензиите со новата методолија. Во март минатата година кога ја носевме новата методологија и кога ги правевме законите за инвалидско осигурување, ниту еден не пензионер не беше против. Сите пензионери ја поддржаа одлуката. Порастот на пензиите го следи покачувањето на трошоците на живот, ја следи инфлацијата, а ја следи и порастот на просечната плата. Дури и во моменти кога ќе немаме толкава инфлација како што е сега, верувам дека ќе се намали и до крајот на годината ќе дојде до едноцифрена бројка, тогаш пензиите ќе растат повторно, затоа што просечната плата постојано расте. Ние рековме дека ќе дојдеме до 600 евра просечна плата, и веќе во јули согласно податоците е веќе над 600 евра“, рече Тренчевска.

Министерката се осврна и на социјалните мерки креирани за пензионерите како една од ранливите категории на граѓани. Во таа насока ги посочи исплатата на финансиската поддршка од 3000 денари на сите 336.000 пензионери во време на економска криза, како и исплатата на финансиската поддршка за првите две категории на пониски пензии 6000 и 3000 денари, согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории на граѓани.

Министерката зборуваше и за важноста за одржување на стабилноста на пензискиот фонд и исплатата на редовни пензии. А во однос на пензионерите со ниски пензии дека државата како и досега, така и понатаму ќе креира социјални мерки за поддршка на оваа ранлива категорија. Работната група која ќе работи на Законот за минимална пензија која што не смее да биде под прагот на сиромаштија и социјални мерки насочени кон пензионерите со најниски пензии.