Centar.mk
КУЛТУРАвест

Костадиновска-Стојчевска на отворањето на Струшки вечери на поезијата: Ехото на Миладиновци е присутно и денес и од година во година е сè погласно

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера, на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, го отвори 62-то издание на „Струшките вечери на поезијата“. Таа во своето обраќање рече дека ехото на Миладиновци е присутно и денес и дека од година во година е сè погласно, посочувајќи дека нашата Струга е посебно место, каде на Мостовите на поезијата се сретнуваат и Истокот и Западот и место каде што сè уште боли „Т ́га за југ“.

– Продолжи тоа ехо благодарение и на Струшките вечери на поезијата, создадени по промислата на величествените македонски современи автори чија визија нè крепи и по децении од нивното заминување – додаде министерката.

Министерката Костадиновска-Стојчевска кажа дека Струга во својот полн сјај сведочи за визијата на големите македонски автори, кои со децении ја збогатуваат нашата култура, а „Струшките вечери на поезијата“ не се само славење на зборовите, туку и поетско рандеву кое е потврда на душата на човештвото.

– Македонскиот современ литературен јазик има збор за секоја песна, за секој стих, на сите поети од светот, за сè што е неизречено. Го има и изразот „вештачка интелигенција“, која можеби ќе напише и поема, ама никогаш нема да допре до длабоката тишина – посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

За нејзиниот говор главна инспирација беа зборовите на лауреатот, годинашниот венценосец, академик Влада Урошевиќ, според кој „поетот не му е должен никому ништо, освен на јазикот на кој ги создава своите дела“, со кој се согласува и министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, посочувајќи дека човештвото не може да се замисли без поезија.

Можеби ќе ве интересира

Со книгата „Фудбал под сенка“ продолжуваат да живеат приказните на легендарниот Васил Рингов

ДЕСК

„Матица“ го објави „Замир“ – силен роман на Хакан Ѓундај што веднаш влезе и во „Априлско разлистување“

ДЕСК

Утре ќе биде промовиран „Немам страв“ – психолошкиот трилер што отвора ново поглавје за современата македонска книжевност

ДЕСК