25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ковачевски: Нова модерна градинка во Пробиштип, работиме на квалитет на животот по европски стандарди

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, присуствуваше на пуштањето во употреба на новиот објект „Срничка“, во состав на детската градинка „Гоце Делчев“ во општина Пробиштип, при што премерот Ковачевски имаше и обраќање.

„Ако добро ја следев директорката, по 35 години, првпат во Пробиштип е проширен капацитетот за сместување деца, а после 50 години, првпат е изграден комплетно нов објект, оваа градинка ‘Срничка’, во рамките на установата ‘Гоце Делчев’, во која ќе може да бидат сместени децата од Пробиштип.

Тоа секако ќе ги намали проблемите со кои се соочувале во изминатите 5 децении вработените во градинките во однос на згрижувањето и воспитувањето на децата, меѓутоа и ќе отвори нова можност родителите да може подобро го планираат своето време и да може и мајките, наместо да бидат дома, да работат, со оглед на тоа што децата сега ќе може да бидат згрижени во оваа комплетно нова градинка“, рече Ковачевски.

„Во новиот објект ќе бидат сместени 74 деца во занималните, во јаслите и ќе имаат најсовремени услови бидејќи се работи за градинка што е поддржана од страна на Светската банка преку Министерството за труд и социјална политика и која е изградена според најновите проектантски решенија, кои се користат во Скандинавија. Јас и министерката ја имавме таа чест, благодарение на нејзината работа и нејзините колеги, да бидеме на отворањето и на градинката во Крива Паланка и на градинката во Волково, идната недела ќе ја отвориме и градинката во Карпош, што значи дека она што го кажуваме дека парите се инвестираат кај граѓаните и за потребите на граѓаните, за конкретни проекти, кои се реализираат и пуштаат во употреба.

Ова е објект, кој е вреден половина милион евра, инаку вкупниот проект што го работи Министерството за труд и социјална политика е во износ од 13 милиони евра и со него ќе бидат изградени 10 градинки, односно ова е 10-тата градинка, која е веќе завршена, и ќе бидат завршени уште 3 во други градови од државата“, изјави премиерот.

„Од друга страна, и платите растат. Ги зголемивме платите во образованието, кај негувателите, во рамките на Министерството за труд и социјална политика за 15 %. Потпишавме и нов колективен договор, со кој ќе има повторно зголемување оваа година на платите, а исто така в година нè очекува зголемување на минималната плата во првиот квартал.

Сето ова говори дека Северна Македонија се развива, дека во Северна Македонија има оптимизам, дека во Северна Македонија има потреба од работа. Јас видов на влезот во Пробиштип, и тоа сите може да го видат, може и медиумите да го видат, дека по долго време, има билборд ма кој стои дека компанија од светски реномиран карактер бара работници, тоа не се случувало со децении во државата и резултатот на тоа е што има 8 % намалена невработеност, 9,5 % зголемена вработеност со просечна плата од веќе над 600 евра“, додаде Ковачевски.