24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

OКТА со донација на фотоволтаична централа за градинката „Пепелашка“ во општина Центар

Скопје, 23.08.2023 – Како дел од активностите на компанијата во обележувањето на 45-годишниот јубилеј, ОКТА донираше фотоволтаична централа на детската градинка „Пепелашка“, лоцирана во скопската Општина Центар. Новата централа со вкупна инсталирана моќност од 20,5 kW (киловати) е поставена на покривот на градинката и ќе обезбеди нејзино снабдување со енергија од обновливи извори.

„Во рамки на нашата стратегија за општествена одговорност, оваа година во наш фокус е поддршката на три образовни институции преку донација на соларни централи, со цел да им помогнеме во надминување на предизвиците кои се резултат на енергетската криза. Придобивките од оваа донација се многубројни, бидејќи ќе овозможи градинката да се снабдува со чиста и обновлива енергија, со што ќе придонесе значително да се намали потрошувачката на електрична енергија, а истовремено ќе обезбеди и намалување на нејзиното влијание врз животната средина. На овој начин, ОКТА ќе ја поддржи заедницата, во напорите за изградба на одржлива иднина за идните генерации“, изјави д-р Ристо Јаневски, Директор на Енергетско планирање и развој во ОКТА, при официјалното пуштање во употреба на новата фотоволтаична централа.

Со континуирана работа фотоволтаичната централа треба да произведе до 25 MWh (мегаватчасови) обновлива енергија на годишно ниво, со што ќе се задоволи значаен дел од потребите на електрична енергија на градинката.

default

„Очекуваме дека со новата фотоволтаична централа значително ќе се намалат вкупните трошоци за електрична енергија на градинката, што ќе ни овозможи повеќе средства да вложиме во одржување на високиот квалитет на услугите за згрижување и едукација на децата. Сакам да ѝ се заблагодарам на ОКТА за нивната посветеност и беспрекорната реализација на овој особено значаен проект и истовремено да ги поканам и останатите компании да го следат нивниот пример и да ни помогнат во реализација на нашите планови за постигнување поголема енергетска ефикасност на сите јавни објекти на територијата на нашата општина. Општина Центар токму за поставување на фотоволтаични централи неодамна го основа и ТД „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија. Верувам дека ваквите проекти ќе донесат голем бенефит и за генерациите после нас“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Во текот на оваа јубилејна година за ОКТА, компанијата ќе донира уште две фотоволтаични централи на образовни установи во земјава, како и еден соларен полнач и паркинг за велосипеди кој што ќе биде поставен на кампусот на УКИМ. До крајот на годинава, ОКТА има намера да започне и со реализација на инвестицијата за изградба на нова фотоволтаична централа со моќност од 12 MW која ќе биде инсталирана во кругот на компанијата.