25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ако само еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ ме изневери и гласа за уставните измени, ќе се повлечам од политиката, порачува Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа, од Кичево, со порака дека доколку само еден пратеник на партијата ја изневери неговата доверба и гласа за уставните измени, тој ќе се повлече од политиката.

„Тоа го кажав и пред нецела година и стојам зад тоа. Ќе го слушнете Димитар Ковачевски дека јас сум се борел за фотелја. А јас кажувам дека ако само еден пратеник ме изневери, заминувам од политиката. Па кој тогаш се бори за фотелја. Нема некој што повеќе од него се бори за фотелја“, изјави Мицкоски.

Оценува дека македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е, како што рече, да се избори за себе и за својата Македонија.

„Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам во Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и однатре и однадвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледнат в очи и ќе ви кажат сè што сакате да слушнете. Но, внимавајте, истите тие што ќе ви кажат сè што сакате да слушнете, зад завесата се договараат со своите стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее“, рече Мицкоски.

Истовремено, потсети на периодот кога тогашната власт бараше гласови за менување на името на Република Македонија.

„Трчаа по ВМРО-ДПМНЕ и најдоа осум гласа. Тоа беше голем срам за партијата“, истакна тој.

„И не беа само осуммина пратеници, беа повеќе, имаше неколкумина што беа на резервната клупа. Да, тоа е вистината. Додека не ѝ погледнеме на вистината в очи, нема да бидеме подобри. Така беше. И, затоа, ви повторувам, ако еден пратеник ја изневери мојата доверба, јас заминувам од политиката“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Колку да ви кажуваат какви било романтични предлози и идеи дека ќе направиме вака и така, верувајте – тие ве мамат“, нагласи Мицкоски.