23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Градинката Пепелашка доби фотоволтаична централа како донација од ОКТА

Општина Центар го доби првиoт фотоволтаичен систем на покривот на градинката ЈУДГ „Раде Јовчевски Корчагин“ во објектот Пепелашка.

Фотоволтаичната централа која што е донација на општествено одговорната компанија ОКТА е со вкупна инсталирана моќност од 20,5 Kw (киловати) јачина која според проценките на стручни лица од компанијата треба да ги задоволи капацитетите на градинката и во зимскиот период.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на официјалното пуштање во употреба на новата фотоволтаична централа изрази благодарност за донацијата и енергетските инвестиции во општината.

„Очекуваме дека со новата фотоволтаична централа значително ќе се намалат вкупните трошоци за електрична енергија на градинката, што ќе ни овозможи повеќе средства да вложиме во одржување на високиот квалитет на услугите за згрижување и едукација на децата. Сакам да ѝ се заблагодарам на ОКТА за нивната посветеност и беспрекорната реализација на овој особено значаен проект и истовремено да ги поканам и останатите компании да го следат нивниот пример и да ни помогнат во реализација на нашите планови за постигнување поголема енергетска ефикасност на сите јавни објекти на територијата на нашата општина. Општина Центар токму за поставување на фотоволтаични централи неодамна го основа и ТД „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија. Верувам дека ваквите проекти ќе донесат голем бенефит и за генерациите после нас“, истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Ристо Јаневски, Директор на Енергетско планирање и развој во ОКТА, истакна дека инвестицијата е реализација како дел од активностите во обележувањето на 45-годишниот јубилеј на компанијата.

„Во рамки на нашата стратегија за општествена одговорност, оваа година во наш фокус е поддршката на три образовни институции преку донација на соларни централи, со цел да им помогнеме во надминување на предизвиците кои се резултат на енергетската криза. Придобивките од оваа донација се многубројни, бидејќи ќе овозможи градинката да се снабдува со чиста и обновлива енергија, со што ќе придонесе значително да се намали потрошувачката на електрична енергија, а истовремено ќе обезбеди и намалување на нејзиното влијание врз животната средина. На овој начин, ОКТА ќе ја поддржи заедницата, во напорите за изградба на одржлива иднина за идните генерации“, изјави Јаневски.

Општина Центар пред неколку месеци го основаше ТД „Енергија Центар“ за производство и продажба на електрична енергија со цел да ги користи обновливите извори на енергија преку кои ќе заштеди средства и ќе вложува во нови проекти за потребите на граѓаните.