15.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: ЕУ очекува зрелост и одговорност за целокупниот процес и за геополитичката перспектива на нашата земја и регионот

„ЕУ очекува да покажеме зрелост и одговорност за целокупниот процес. Преговарачкиот процес е двострана улица и партнерски однос, кој го градиме веќе со години со Европската комисија и со сите 27 земји членки, кои годинава го спремаат пакетот за проширување со држави кои веќе преговараат со ЕУ, а носители на тој пакет ќе се Украина и Молдавија“, посочува во интерју за Рацин.мк заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ на прашањето како гледаат нашите партнери на опструкциите за усвојување на уставните измени имајќи ги предвид геостратешките аспекти ако се знае дека во нивното исполнување се очекува одговорност и од Македонија како членка на НАТО и земја кандидат во преговори со ЕУ.

„Војната во Украина и последиците од неа се силен сигнал за Европската Унија за посветување на поголемо внимание и инвестирање во геополитичките цели, во кој спаѓа и Западниот Балкан и нашата европска перспектива. Важни се и зборовите на охрабрување заради креирање на позитивна атмосфера, а и конкретните одлуки заради динамизирање на целиот процес“, истакнува Маричич.

Маричиќ укажува дека „траекторијата е позната, динамиката зависи во овој момент само од нас, и тоа е таа одговорност што ние мора да ја покажеме“.

Вицепремиерот Маричиќ надежта ја гледа во основното човечко чувство за одговорност за себе, за своите деца и за нашата држава.

„Државничкиот став е чувство од страна на сите засегнати страни и тој треба да рефлектира пред сѐ сериозна одговорност и кристална визија. Нашите граѓани со години бараат разрешување на состојбите, имаат потреба од јасна визија, гаранција дека животот ќе им се смени на подобро, наместо да веруваат на вообичаени ноторни и заглавени реторики. Нашата цел не е реторика, туку реален, опиплив план за нашата иднина“, истакнува во интерјуто за Рацин.мк заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.