24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

ЛИСТА НА НАЈБОГАТИ: Луѓето имаат најмногу пари во оваа земја, а таму живеат дури 1,1 милион милионери

Швајцарците се најбогатите луѓе во светот, покажува годишната анализа за имотот на домаќинствата во светот, објавена од банката Credit Suisse.
Секој возрасен Швајцарец во 2022 година поседувал во просек 685.000 американски долари, што вклучува финансиски акции и недвижен имот.

Поради берзанските курсеви, вредноста на имотот падна за околу 13.000 долари во последната година, но Швајцарците и понатаму се најбогати во светот.

Второто место на листата на најбогати го зазедоа Американците со просечно богатство од 551.000 долари, а потоа следуваат жителите на Хонг Конг, Австралија и Данска.

Алгемајне цајтунг ги пренесува овие податоци и наведува дека Швајцарците се три пати побогати од Германците, чиј просечен имот се проценува на 256.000 долари.

Економските аналитичари тоа го објаснуваат со фактот дека Швајцарија остана недопрена во двете светски војни, но и со ефикасен пензиски систем.

Богатството на Швајцарија се одразува и со фактот дека таму живеат 1,1 милион милионери.

Авторите на анализата проценуваат дека глобалните средства ќе се зголемат за 38 отсто на 629 милијарди долари во следните пет години, а бројот на милионери може да се зголеми на 86 милиони во светот од сегашните 59,4 милиони.

Глобалниот тренд покажува дека вредноста на имотот се намалува во Европа, Северна Америка и Азија, додека се зголемува во Латинска Америка, главно поради движењата на девизниот курс.