24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Обвинение против српски државјанин и македонски цариник: Се обиделе да пренесат злато преку скопскиот аеродром вредно околу 2.200.000 евра

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против српски државјанин по потекло од Република Турција за кривично дело – Криумчарење според член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, како и против македонски царински службеник кој е обвинет дека му помогнал да го стори делото.

– На 20 март обвинетиот пристигнал на скопскиот аеродром со лет од Истанбул кон Скопје и избегнувајќи ја царинската контрола, пренел 43,13 килограми разновиден златен накит во проценета вредност од околу 2.200.000 евра. Со отстранување на пречките за извршување на кривичното дело со умисла му помогнал обвинетиот царински службеник, кој во тој момент не бил на должност. Цариникот го пречекал странскиот државјанин во делот пред пасошката контрола и се обидел да му помогне да ја избегне царинската контрола, насочувајќи го најпрвин кон „зелениот“ коридор за багаж без стока за пријавување. Меѓутоа, тој коридор бил затворен со безбедносна лента, а сите патници биле насочени кон „црвениот“ коридор за контрола и кон скенерот. Непочитувајќи го ваквото насочување, царинскиот службеник ја поместил безбедносната лента, заедно со обвинетиот ја поминал царинската линија и се упатил кон излезот на аеродромот. Во тој момент интервенирале други царински службеници, по што обвинетите биле запрени, а при претресот на багажот бил пронајден вредниот златен накит, соопштува Обвинителството.

Заедно со обвинителниот акт јавниот обвинител поднесе и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, бидејќи се уште постојат законските основи поради кои таа мерка првично им беше определена. ​