23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Странски македонисти од 18 држави, утре доаѓаат во Охрид – на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ

Околу 70 странски македонисти и слависти од 18 држави, утре доаѓаат во Охрид – на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Значајно е што Школата ќе се одржи со семинаристи од речиси сите страни на светот, при што нивниот број е најголем последниве години. За Школата која ќе трае до крајот на август, предвидена е програма која покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани кои имаат за цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.

Според програмата што ја објави МСМЈЛК при УКИМ, по пристигнувањето на странските македонисти и слависти во Охрид на 17 август и по отпочнувањето со лекторската настава, на 18 август, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. На отворањето, свечено обраќање ќе има ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.

Следниот ден, првото предавање на Школата ќе биде во чест на јубилејот 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, а ќе го одржи проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, осврнувајќи се на севкупниот поетски профил на великанот на македонската литература и култура. Во рамките на посетата на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, предвидено е и предавање за современите преводи на Светото писмо на македонски јазик, кое ќе го одржи проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески.

Следната работна недела ќе започне со предавање на доц. д-р Бобан Карапејовски, за категоријата определеност во македонскиот јазик и нејзините показатели. Странските македонисти ќе имаат можност да проследат и предавање за фигурата на змејот во македонската народна поезија, од проф. д-р Трајче Стамески. Со предавање ќе биде одбележан и јубилејот 120 години од Илинденското востание, проф. д-р Ана Стојаноска ќе говори за феноменот Илинден во македонската драма и театар.
Странските македонисти ќе имаат можност и подетално да се запознаат со достапните дигитални ресурси за македонкиот јазик, преку предавање на проф. д-р Николче Мицкоски. На оваа Школа, одделна тема ќе биде и македонскиот јазик во медиумите, преку предавањето „(Макро)синтаксичките карактеристики на говорениот македонски јазик во медиумите“ од доц. д-р Бојан Петревски.
Јубилејот 120 години од објавувањето на капиталното дело на Крсте Мисирков, „За македонцките работи“ќе биде одбележан со предавање на проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Лидија Тантуровска, а на ова се надоврзуваат и предавањата на проф. д-р Борче Арсов под наслов „Од Божигропски до Мисирков. Од стилизација до стандардизација на македонскиот јазик“ и на проф. д-р Славчо Ковилоски, кој ќе се осврне на книжевно-историските осврти за Мисирков како предвесник на новата епоха.
Кон завршницата на Школата е предвидено и предавање на проф. д-р Дарин Ангеловски за митот на Антигона во современата македонска драма.
Предавањата од програмата целат преку нив пред странските македонисти да се актуелизираат важни прашања за македонскиот јазик, литература и култура, но истовремено и да поттикнат контекстуални и компаративни истражувања.
Покрај предавањата, клучно, од нивното доаѓање во Охрид па сè до 31 август, семинаристите на Школата ќе следат и лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лектори коишто ќе го вложат сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти – проф. д-р Гордана Алексова, проф. д-р Борче Арсов, доц. д-р Бојан Петревски, м-р Андријана Павлова, м-р Иван Антоновски и Елена Ѓорѓиовска.

Со програмата се предвидени и неколку промоции на книги меѓу кои се издвојуваат:

– „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски и „Славе Ѓорѓо Димовски во книжевната критика (македонска и светска)“ од Димитар Пандев. Двете книги се објавени од Општина Охрид со која МСМЈЛК при УКИМ остварува континуирана соработка и веќе неколку години наназад, во рамките на Школата се промовираат изданијата на Општината кои се значајни за македонскиот јазик, литература и култура, при што се овозможени и бесплатни примероци за семинаристите;

– „Djetelice bjelice“ / „Детелинки белинки“ – книга со современи сказни од современи македонски автори, со превод и на хрватски јазик подготвени од студенти по македонистика на Универзитетот во Риека, каде годинава е одбележаа 15 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик;

– „Шопов на 11 јазици“ – зборник на преводи на семинаристите на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Семинаристите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат специјални гости и на свеченото отворање 35. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ (ПНВ), а дел од програмските активности во рамките на манифестацијата ќе се одржат и во рамките на Школата. Соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ПНВ датира од пред неколку години и семинаристите редовно се дел од оваа значајна културна манифестација.

На Школата ќе биде организирана и јазична работилница, којашто ќе ја води проф. д-р Симон Саздов. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора, којшто ќе го води Благоја Јованоски.

Според програмата, Школата ќе биде затворена со завршна средба на 31 август, а за потоа се најавува и јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи од 1 до 3 септември 2023 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

Инаку, на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе учествуваат семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република. Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и голем број млади кадри.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура
при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје