ЉУБОМИР КОСТОВСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
На една трибина што своевремено ја организираше ССНМ за социјалната состојба на новинарите, говорев за моето искуство со пензионирањето. Се разбира, тогаш гласно си споменав за она што мене би ми се случило кога ќе се пензионирам, но и она што ги чека помладите новинари кога во ПИОМ ќе го добијат решението за заминување во „мирен живот“.
Примерот со журнализмот
Тогаш кажав дека професијата е битно загрозена заради постојаното исплатување на заработеното „на црно“ од страна на тогашните раководства на големите, па и помалите системи на информирање. За просечниот новинар, исплата на црно на добар дел од платата беше добра за да се вратат долговите во „Букет“, на пример, ама таа форма завршуваше кобно – имаме новинари во редакции кои навидум добро стоеја, некои сè уште опстојуваат, ама наши колеги починаа и како класични собирачи на остатоци од храна по контејнерите, а некои тоа, за жал, го прават и денес. Кога ќе се сретнеме, одбиваме да се погледнеме во очи.
И кој е тука виновен за таа слика? Државата? Политиката на распределба на платите? Или системот кој го прифаќаа и самите новинари кои се водеа од мислата дека не треба да се грижиме за она што ќе дојде утре, битно е денес да се врти нешто во паричникот.
Не верувам дека во овие актуелни протести со наводен пензионерски мотив има од тие генерации на новинари (журнализмот е сам по себе кобна професија, со кус животен век) ама дотолку нив не можат да ги измамат оние од Шампитата: тие барем формалните виновници на нивната ситуација ја знаат наизуст и не ја споменуваат никогаш оваа Влада.
Брзите избори се решение за… нетрпеливите пензионери
Зошто е ова битно? Заради тоа што некој овие недели се обидува ова вечно скокотливо прашање „колку вреди пензијата“ да ја претвори во политички перпетуум мобиле, или уште подобро – во политичка вијагра!
Извиците од типот „сите имаме право на еднакви пензии“ (да ги преведеме тие неартикулирани улични настапи во една унифицирана парола) дури и завршува со еден јасен заклучок во дебатите на малите екрани – оваа власт не може да го реши проблемот на пензискиот систем, да одиме веднаш на брзи парламентарни избори!
Да, некој ќе рече дека пензискиот систем е предмет на масовни нереди во светот, но тоа не е точно – таму вработените се бунат заради должината на работниот век, а не заради висината на пензиите, бидејќи, во зовриената Франција, на пример, пензиите се највисоки во Унијата, на што многумина аналитичари во Брисел укажуваат со доза на цинизам во исказот.
Проблемот на пензискиот систем, онаков каков што е заснован во постиндустриската ера, е секако општ, заради тоа што пензискиот систем не функционира изолирано сам за себе и не постои идеално поставен. Истиот е поврзан со состојбата во економијата, со пазарот на труд, а на неговата состојба може да се влијае исклучиво со менување на стапките на пензиски придонеси и услови за висина на пензија и тоа како дел од идното пензионирање, а не како дел од папагалскиот хор кој говори во стилот „што ѝ се сонило на бабата…“.
За пензионерите е тешко и кога зад нив стојат повеќе фондови
Еве еден пример од т.н. развиен свет. Кога во средината на 90-тите, со една студиска делегација престојував во неколку фирми каде што сопственоста ја држат работниците преку затворениот круг на акции (job ownership), се интересирав за статусот на вработените после пензионирањето. Ова особено беше интересно во рудниците на Велс заради макотрпната работа на оние кои вадеа – инаку првокласен антрацит – во ридовите на овој сиромашен дел од Британија.
Ним премиерката Тачер, сакајќи да се ослободи од баластот на јавните претпријатија врз државниот буџет, каде спаѓаа и велшките рудници, им ги продаде на синдикатите, како единствено заинтересирани за откуп по симболична цена од една фунта.
Најголем дел од рудниците работеа профитабилно, вовеле систем кој потсетува на нашето самоуправување, кој имаше и моќни социјални димензии (бесплатни учебници за децата на вработените, на пример и слично). Рударите добиваа пензија по три основи – онаа која ја уплатуваа во јавниот фонд од платите, потоа (по избор) во некој од приватните фондови; трет извор беше фондот на самиот рудник, со уплата директно од приходите на фирмата и… пензиите не беа доволни за опстанок на рударите, кои инаку поседуваа бенефициран стаж. Имено, ако тие не работеа нешто „во фуш“, да речеме, најчесто во некој од локалните пабови, тешко би можеле да имаат мирен сон кога е во прашање живеачката.
Чуму оваа „сторија“? Па за да се сфати дека во светот на либералната демократија, дури и оние земји што се повисоко развиени, самата пензија ретко каде е доволна за лагодна старост! Овие општества се секако социјални, кај нив постои напредок во однос на оние заедници во кои старите луѓе останувале на товар на помладите членови на тогаш пошироките семејства. Да се сетиме само на филмовите како „Баладата за Нарајама“ или за нашата песна „Го пратиле дедо во планина мечките да го изедат“. Но, едноставно, заради повеќе фактори (далеку ќе отидеме ако ги набројуваме), падот на исполнетоста на пензионерските фондови е глобален феномен.
Пензиите и социјалата немаат секогаш исто значење
Или, поинаку речено, државата располага со некаков вид на социјална заштита, кој се разликува од земја во земја, ама пензиите како такви се резултат само на вложувањето на вработените со обврзувачко издвојување на дел од своите плати во обезбедување на периодот на староста, по пензионирањето. И никако поинаку.
Влогот е процентуален, зависи од висината на исплатениот личен доход (плата) и тука никако не може да се мешаат лончињата и да се бара било каква уравниловка! Тоа е како купување на акции на берзата или, едноставно, тоа е како влог кој треба да се ревалоризира после заминувањето во „заслужен одмор“ кога поголемиот износ на издвојување носи повеќе и обратно – помалиот помалку.
Социјалниот сегмент за кој одговара власта е содржан во категоријата „минимална пензија“ (да не забораваме дека државата со закон ја ограничува и највисоко исплатената пензија!), да речеме или во она што се нарекува – државата гарантира за исплата на пензиите преку својата контрола врз пензискиот фонд (само кај примарниот!) Имаше во последно време и други, значајни социјални мерки како што е давање на социјална потпора за потрошената електрична енергија кај најсиромашните корисници, во што влегуваа главно пензионери (како в лето лесно се забораваат зимските бенефиции!) и, генерално, со партиципирање во цената на струјата со нејзино контролирање. Беше така или не!?
Моделот на бегалецот од Будим
Но, на оние вревачи на улица, кои ги има толку малку на број (како и кај другите протести изминативе години, организирани од екипата на Мицкоски), очевидно се заразени од вирус кој според анкетите е траен кај нашето население.
Предизвикан е од политиката на Груевски, пред секои избори да воведува линеарни зголемувања од типот „на сите по 600 денари“, што го немаше ниту во социјализмот. Не дека и тогаш, во т.н. работничка држава, немаше демагогија во различни форми, ама на бегалецот во Будим му успеваше од уравниловката да направи ефикасен систем на купување на гласови, кој во основа го рушеше пензискикот систем!
Тоа претставуваше груб фалсификат на уравниловката од времето на Мао или на Енвер Хоџа, што беше проста распределба на сиромаштијата во општеството.
По таквиот метод на пресметка на минатиот труд à la Грујо одговорните во стопанството ќе ги кријат приходите, ќе плаќаат минимален износ (како некогаш во НИП-от, нели), а кога пензиите ќе осамнат со нивниот најскромен износ, пензионерските бојовници на партијата ќе најдат друг виновник за системот што нивните идоли го сторија: вратете ја еднаквоста во бедата, велат тие!
Протагонистите на моделот, пак, седнати врз милијарди евра, ќе ги вратиме на брзи избори.
Погрешна перцепција во јавноста
Реално, во јавноста постои погрешна перцепција за тоа колку ќе се зголемат пензиите, откако во изминатиов период се зборуваше за редовно зголемување на септемвриските пензии, а всушност станува збор само за законско усогласување, со кое треба да се одржи вредноста на пензијата, вели во интервјуто за „Слободен печат“ универзитетската професорка Јадранка Мршиќ, која е секако еден од најзначајните експерти по прашања на пензиското осигурување – таа беше прв директор на КБ Прво пензиско друштво!
Нејзините оценки за „Слободен“ се инаку реакција на незадоцволсто кај еден дел од пензионерите кои бараат место зголемување (поточен израз е нели – усогласување) од 6,8 проценти што води кон раст на бројката на пензионерскиот „чек“ од 699 до 4.099 денари.
„Најавеното зголемување на септемвриските пензии од ПИОМ е врз основа на нивно усогласување со порастот на трошоците на животот и на просечно исплатената плата, што е во согласност со последните измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување“, вели Мршиќ во интервјуто за „Слободен печат“.
Според проф. Мршиќ, погрешно е толкувањето дека пензиите се „зголемуваат“, бидејќи се работи за усогласување на нивната економска вредност што опаднала во претходниот период.
„Погрешно е толкувањето дека пензиите се „зголемуваат“. Всушност, се врши усогласување на нивната економска вредност што опаднала во претходниот период заради зголемување на цените и во однос на платите кои растеле во тој период. Од тие причини, различен е апсолутниот износ на пораст на индивидуалните пензии, затоа што целта на усогласувањето е да се одржи вредноста на пензијата што е утврдена при остварување на правото на пензија, а не таа да се зголеми“, изјави проф. Мршиќ.
Таа објасни дека со усогласувањето не се врши корекција на висината на стекнатата пензија која е утврдена врз основа на висината на платите што пензискиот осигуреник ги примил во текот на работењето.
Она што професорката инаку го нагласува е дека во јавноста мора да се изгради свесност дека, вака најавеното зголемување на пензиите, не е резултат на волјата на власта, ниту подарок за пензионерите, туку е законско право за да се надомести изгубената вредност на пензиите поради порастот на цените во изминатиот период. Тоа е чин за ублажување на ерозијата на пензиите и е клучен елемент на правото на пензијата како право од областа на социјалното осигурување.
Пензионерите како гости на сите наши информативни емисии на обединетите телевизии на опозицијата, сигурно имаат форми на амнезија. Не помнат како се формирани оценувањата на нивниот минат труд во време на нивната најефективна продуктивност (по нивните годишта е сосема јасно кога било тоа). Молчат за тоа дека купувањата на гласови за време на системот што падна – не им го подобри животот.
Молчеа и кога екипата на Славески ја укина хранарината и патарината, за да влезат како зголемување на платите, но затоа реагираат сега, под диригентската палка на партиските улични емисари диригентската палка на партиските улични емисари, токму кога системот на актуелната власт во оваа област – профункционира.
Борбата со инфлацијата во исклучително тежок момент оди добро, платите растат побрзо од скокот на цените, а пензијата е пред редовно, уште едно усогласување во септември. Бидејќи акциите против „енормниот скок на струјата“ пропадна како редовна бунтовничка активност на теренот две години по ред, организирани од страна на опозицијата, се одеше на епизодата – храната е скапа.
Сите ТВ медиуми имаат дневни известувачи од пазарите (нарушен е „монополот“ на ТВ 24 кога се работи за Зеленото пазарче во Скопје), но претурањето на тезгите со бостанот не дава опипливи резултати. Следната епизода е можеби за тоа дека храната не е така скапа, ама доста чини – здравата храна! Тука, како посебно да е агилна МТВ.
Добро, оние со далеку подобра меморија од мене, ме потсетија дека своевремено Груевски имал скапа кампња за тоа дека народот (неговиот народ!) мора да се храни здраво. И тоа секако чини, како и неговата кампања која потроши стотици и стотици илјади евра од буџетот на државата.
Ама корените на груевизмот оставаат длабоки траги. Тоа е толку очевидно.