24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ: ДПМНЕ да се приклучи кон Манифестот и на дело да покаже дека навистина е за ЕУ

Соопштение на СДСМ:

„СДСМ целосно застанува зад Манифестот на лидерите на политичките партии застапени во Собранието, а во врска со водењето преговори за полноправно членство во ЕУ.

Манифестот е во рамките на црвените линии и заклучоците по европскиот предлог што ги усвои парламентарното мнозинство во Собранието и со него сите лидери на политичките партии се обврзуваат дека ќе настојуваат пристапните преговори да завршат во најкраток можен рок, а притоа целосно заштитувајќи го идентитетот, традицијата, јазикот и општествените вредности на граѓаните.

Во овој документ јасно е наведено дека политичките партии во Собранието, без разлика од составот на владејачкото мнозинство, се обврзуваат да соработуваат, но и да го водат преговарачкиот процес целосно отворено и транспарентно со цел најшироката јавност да биде во можност да го изрази своето мислење по однос на условите за членство во Европската унија.

Ова е прилика и други политички партии, а пред се ДПМНЕ да се приклучи кон Манифестот и со тоа на дело да покаже и докаже дека навистина е за ЕУ.

Можностите за Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок стануваат се поретки и ако тој не ја искористи оваа шанса ќе покаже дека сето она што го говори за европската иднина е само обично блефирање пред јавноста.

Сега не е време за политички надмудрувања и изговори, туку за обединување за ЕУ на сите политички лидери и преговори за полноправно членство во Унијата“.