23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Објавен нацрт-извештајот од Европската комисија за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“

Европската комисија го објави и достави нацрт-скрининг извештајот за Кластерот 1, „Фундаментални вредности“.

Оценката на Комисијата во извештајот се заснова на информациите добиени за време на скринингот, како и на дијалогот што се води во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и годишните извештаи на Европската комисија, кои се дел од пакетот за проширување.

„Ова е само нацрт-извештај, кој допрва ќе се дискутира и усвојува од страна на државите членки на ЕУ и доаѓа во вистинско време кога интензивно работиме на изработка на патоказите“, вели вицепремиерот Маричиќ.

Извештајот ја отсликува состојбата на државата и насока за идните реформи, кои Северна Македонија треба да ги направи во областа на владеењето на правото, поточно реформите во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и човековите права, како и да го зајакне функционирањето на демократските институции и реформата во јавната администрација, со цел исполнување на условите за членство во Унијата.

„Извештајот за нас е водич и основа за подготовка на клучните документи – патоказите за владеење…, а истовремено е рефлексија на скрининг-процесот, кој трае речиси една година. Одделните наоди ќе ги коментираме во натамошна фаза кога ќе треба да се вградат во патоказите, кои ќе бидат консултирани со сите општествени фактори во еден транспарентен и инклузивен процес“, објаснува вицепремиерот Маричиќ.

Во Секретаријатот за европски прашања во моментот се работи на превод на документот на македонски јазик, кој ќе биде дополнително објавен на нивната официјална веб-страница, информираат од СЕП.