25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Власта на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година злоупотребила пари од ЕУ-фондови, ОЛАФ изврши истрага

Проект од 2015 година, вреден 660 000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.

Во периодот од кој потекнува случајот, 2015 година, во Владата на ВМРО-ДПМНЕ со Министерството за земјоделие раководи Михаил Цветков. Сепак, не се знае дали евентуално со проектот е запознаен и неговиот претходник Љупчо Димовски, со оглед на комплексноста и времетраењето на проектите од ИПА фондовите. За Димовски, кој е пратеник од Социјалистичката партија во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, во 2019 година беше побаран притвор, бидејќи беше осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување при доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште во време кога беше министер за земјоделие, но тој се повика на пратеничкиот имунитет.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска информацира дека на 18 април оваа година токму од Европската комисија до нив стигнал допис за неправилност поврзана со договор финансиран од страна на Европската унија во висина од 600.659 евра. Македонија во тој проект учествувала со кофинасирање во износ од 66.739 евра, поточно целиот проект чинел 667.399 евра.

-Кога има финансиски средства, кога имаме договор којшто има финансиски импликации, секоја една ревизија е добредојдена. Европската Комисија треба да продолжи да ги врши своите контроли, вели Николовски.

Според информациите, истрагата за случајот е веќе завршена и има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до Обвинителството за организиран криминал и висока корупција, а Министерството за земјоделство апелира случајот да биде комплетно расчистен.

Министерот Николовски го покажа и документот според кој, ОЛАФ има извршено истрага за злоупотреба на ИПА средства преку проект реализиран во 2015 година, а се однесува на Договор потпишан на 20 ноември 2015 година по тендерска постапка „Надградба на информациски систем за земјоделство и воспоставување системи за размена на податоци меѓу МЗШВ и другите релевантни институции кој е спроведен децентрализирано, во рамки на Програмата за помош при транзиција и институционална надградба“.