Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ, оценува дека со оставките на министрите од ДУИ, што ќе стапат во сила веднаш по усвојувањето на уставните измени, исполнети се сите услови на Христијан Мицкоски што самиот тој ги постави за неговата партија да поддржи уставни измени.
Мицкоски и ДПМНЕ, вели тој, може веднаш да станат дел од влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори.
„Сѐ што треба ДПМНЕ и Мицкоски да направат е да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните измени. Во спротивно, ќе покажат дека се несериозни и неодговорни пред сопствениот народ и пред иднината на државата. Наспроти лагите на Мицкоски и ДПМНЕ, македонскиот јазик, идентитет, култура и посебност, денес се меѓународно заштитени и потврдени. Доказ за тоа е предлог-резолуцијата во Сенатот на САД, како и претходно усвоената резолуција од германскиот парламент“, додава Каевски.
Сето тоа, како што истакнува, е потврда за успешната меѓународна политика на Владата предводена од СДСМ.
„По 17 години во чекалницата, нашата држава ги почна преговорите со ЕУ, со заштитен македонски јазик, македонски идентитет и посебност. Сега е време за нов, сериозен исчекор и забрзување на процесот на преговори со крајна цел – полноправно членство во ЕУ до 2030 година. Затоа, секој пратеник, секој политички субјект, има одговорност да се вклучи во процесот и да им даде поддршка на измените на Уставот“, потенцира тој.
Сѐ друго, според него, е дејствување спротивно на врвните државни и национални интереси.