23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Автоматска порака на англиски јазик ги алармираше итните служби за тешка сообраќајка кај Велес

Невообичаена автоматска порака на англиски јазик рано утрово околу 4 часот стигнала до Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 112 за сообраќајна незгода.

Телефонот на возачот, при излетувањето на возило бил програмиран автоматски да дава информација на Единствениот европски број за итни случаи во било која европска држава и пошироко, дека најверојатно се случила сообраќајна незгода, што значи дека сопственикот на телефонот не е во состојба да се јави и да побара помош.

Во соработка со МВР, повикот бил лоциран и службите дошле до местото на несреќата која што се случила на територија на село Чалошево, на три километри по магистралниот пат во правец Велес-Штип.

Во излетаниот автомобил имало повредено и заглавено лице.

„По извлекувањето на повреденото лице екипа од Итна медицинска помош го однела во болница во Велес, а потоа, најверојатно заради сериозноста на повредите е пренесено во Хируршките клиники во Скопје“, велат од ЦУК.

Ова е редок пример за спасување лице кое не е можност да се јави, а мобилниот телефон автоматски испраќа порака за можна случена сообраќајна несреќа на 112.