24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Македонската полиција постапува и ќе постапува на цела територија

Министерот Оливер Спасовски на денешната седница за пратенички прашања запрашан дали и како реагира полицијата во ситуацијата во Слупчане со блокадите на жителите на екипите на ЕВН и дали има суверенитет на целата територија потенцираше дека македонската полиција и по овој случај постапува и секогаш ќе постапува на целата територија на Република Северна Македонија.

„Пласирањето на вакви тези допринесува многу повеќе да губи Македонија. Во однос на состојбата во Спупчане сметам дека оваа состојба е недозволива и во тој дел, полицијата неколку пати постапува, заедно и во разговор со сите институции и со локалната власт. И утрово полицијата имаше интервенција. Меѓутоа секогаш за тоа кога има причина и врз основа на направени проценки коишто ги има полицијата. Полицијата постапува кога се исполнети законските овластувања за нејзино постапување. Пред се во функционирањето на полицијата мора да се имаат во предвид функционирањето на човековите права и правата на граѓаните.“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот Спасовски образложи дека на територијата на општина Липково постојат неколку полициски станици и соработката со граѓаните е на високо ниво, како и во другите општини во државата.
„Зборувавме пред неколку месеци во однос на тоа што се случуваше во Арачиново и 95% загуба на електрична енергија и дека е многу тешко да се реализира, но потврдивме дека со разговор со населението успеавме денеска да имаме комплетна покриеност со платени сметки во оваа општина во близина на Скопје, како и во Сарај и во многу други села во коишто немало таква практика, сега тоа е завршено“, ја потенцираше Спасовски и превентивната улога на полицијата која е таму да спречува, да превенира конфликти, да ги решава настанатите, но и да не создава нови.

„Така да и во Слупчане, целата оваа состојба ќе се заврши, меѓутоа не треба да се заврши со зовривање на атмосферата, со кревањето на тензиите, бидејќи на никој не му одговара кревање на тензии коишто можат да прераснат во нешто поголемо. Овде станува збор исклучиво за луѓе кои не сакаат да ги исполнуваат обврските, да плаќаат и тие за тоа мора да сносат одговорност. Сите тие граѓани коишто учествувале во блокади, се спротивставувале на службени лица, ќе им бидат поднесени соодветни поднесоци и за тоа ќе носат одговорност.“, рече Спасовски.