Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија ги повикува сите евидентирани невработени лица да се пријават за учество во мерката Субвенционирање на вработување. Повикот се спроведува во рамки на ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ финансиран од Европската Унија, врз основа на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2023 година усвоен од Владата на Република Северна Македонија, за мерката 2.1 Субвенционирање на вработување – ИПА.
На мерката, според проектниот координатор, Наташа Здравковска може да се пријават сите евидентирани невработени лица кои се во некоја од ранливите категории.
„Освен корисниците на ГМП, може да се пријават и жени, Роми, млади до 29 години, лица со попреченост и долгорочно невработени лица. Овие лице треба да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата во својот град или населено место“, вели Здравковска.
Повикот за оваа мерка трае до крајот на месец јули.
„Од друга страна, секој работодавач што ќе вработи невработено лице од овие целни групи ќе добие финансиска поддршка за исплата на бруто плата, во месечен износ од 19.000 денари за период од 6 месеци. Работодавачот може на работникот да му исплати и повисока бруто плата од субвенционираниот износ. Овој работодавач има обврска лицето да го задржи во работен однос по завршување на субвенционирањето во дополнителен период од уште 3 месеци. Условите, правата и обврските поконкретно ќе бидат уредени со склучување на договор помеѓу Агенцијата за вработување, работодавачите и кандидатите“, објаснува Здравковска.
Според неа, правото за учество на овој повик се определува врз основа на услови и критериуми кои се дефинирани за секоја одделна програма, односно мерка за вработување и врз основа на основни принципи кои треба да се почитуваат при имплементација на програмите и мерките за вработување, како и услугите на пазарот на трудот, односно: принцип на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор согласно правична и адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани во согласност со стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на труд. Исто така, со оваа мерка се поттикнува рамномерен регионален развој во согласност со податоците од Бирото за регионален развој и степенот на развиеност на планските региони во Република Северна Македонија.
За повеќе информации на линкот: https://av.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx