„Со денови Скопје се дави во ѓубре. Локалната власт на ДПМНЕ во Скопје создаде невиден хаос. Неспособноста на ДПМНЕ и нивните градоначалници го претворија Скопје во една огромна депонија. Хаосот со ѓубрето претставува и здравствен ризик поради можноста од појава на зарази“, вели Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
За проблемот со ѓубрето, советничката група на СДСМ иницира одржување вонредна седница на Советот на Град Скопје.
„Во рамките на своите надлежности и во името на граѓаните Советот има обврска да дискутира за актуелната состојба во ЈП ‘Комунална хигиена’, а СДСМ ќе предложи и мерки и активности за итно дејствување на Градот. Една од мерките, едно од решенијата што ќе ги предложи СДСМ заедно со коалициските партнери за решавање на проблемот со ѓубрето, е вклучување на сите јавни претпријатија.
Со целиот свој човечки потенцијал, а потоа и со онаа механизација со која располагаат јавните претпријатија, да се вклучат во чистењето за што побргу целосно да се расчисти ѓубрето во Скопје и состојбата да се врати во нормала“, рече координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
Според неа, оваа мерка ќе овозможи ЈП „Комунална хигиена“ бргу да се врати во секојдневниот работен тек, а ќе превенира и во иднина да не се случува повторно ваков хаос. Додава дека очекува поддршка од сите советнички групи, вклучително и од мнозинството во Советот од ДПМНЕ.
„Особено што токму ДПМНЕ со своите кадри, со своите градоначалници во Скопје и со својата градоначалничката, која победи со нивна поддршка, го создадоа проблемот. Наместо модерно Скопје, како што Мицкоски и ДПМНЕ ветуваа пред скопјани кога бараа гласови од нив, создадоа загаден град и нефункционални јавни претпријатија.
Советот има механизми што треба да ги искористи во интерес на граѓаните и во интерес на Скопје и во оваа насока очекуваме одговорност од сите советници“, изјави Јанчева.