24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Украл сеф од соба во познат скопски хотел – Скопјанец веднаш е уапсен

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка и предложи мерка притвор за 38-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело – Тешка кражба според член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот е претходно повеќепати осудуван за истородни и други кривични дела и се наоѓал на издржување затворска казна во КПУ Затвор Прилеп, но побегнал и од 5 јули по него била распишана потерница.

Периодот додека бил на слобода го искористил да стори ново кривично дело, па на 8 јули во вечерните часови влегол во службени простории на хотел во Скопје и одзел туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвои.

Од хотелот тој успеал да украде метален сеф заклучен со шифра, а во кој имало парични средства во износ од околу 1400 евра, како и клучеви од хотелот, неколку сим картички како и пет патни исправи на гости сместени во хотелот. Вкупната вредност на одземените предмети се проценува на околу 100.000 денари.

Потоа го напуштил местото на настанот, но се вратил следниот ден и кога се приближил до службениот паркинг, му пристапиле членови на обезбедувањето на хотелот. Осомничениот со спреј за самоодбрана ги испрскал во очите и веднаш почнал да бега, влегувајќи во такси возило. Возилото било пријавено и сопрено од полициски службеници кај Градежен факултет Скопје, по што пријавениот бил лишен од слобода.

Во конкретниот случај според јавниот обвинител постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, па до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје тој достави предлог за определување мерка притвор.