18.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

ЦЕФТА усогласување за две нови важни одлуки

Брисел, 20 јуни 2023 година – Експертите од ЦЕФТА страните се согласија за нов сет на правила кои ќе ја промовираат професионалната мобилност и ќе ја олеснат трговијата: Одлука за воспоставување генерален систем за признавање на професионалните квалификации и Одлука за трговските аспекти на правата на интелектуална сопственост.

Поттикнување на професионална мобилност

Препознавајќи ги предизвиците со кои се соочуваат професионалците како што се градежните инженери, сметководителите и наставниците кои се соочуваат со повеќекратни барања за квалификација, процедури кои одземаат многу време и прекумерни трошоци при проширување на нивните бизниси на различните пазари на ЦЕФТА, ЦЕФТА договори заедничка рамка за признавање усогласена со ЕУ. Луѓето кои ги стекнале своите квалификации во некоја од ЦЕФТА страните и добиле право да ја практикуваат својата професија, но сакаат да ги нудат своите услуги на други ЦЕФТА пазари, ќе имаат корист од овие правила. Исто така, професионалците кои ги стекнале своите дипломи на друго место, но се признати во една од ЦЕФТА страните и имаат најмалку три години професионално искуство, како и експерти од страните во кои не е регулирана наведената професија, а имаат најмалку 1 година искуство, ќе можат да аплицираат за признавање според овие правила.

Со оглед на различните барања за квалификација низ ЦЕФТА и недостатокот на стандарди договорени со ЕУ, властите задолжени за признавање сепак ќе ги споредуваат официјалните критериуми со обезбедените квалификации и само во случај на значителни разлики можат да наметнат компензаторни мерки како што е период на адаптација до три години или тест за способност. На лицата чиј професионален профил не се совпаѓа со регулираните профили, може да им се даде делумен пристап до професијата.

Примената на овие заеднички правила ќе започне од инженерите и постепено ќе вклучува и други професии. Оваа одлука е комплементарна на Договорот за признавање на професионални квалификации за доктори по медицина, доктори по дентална медицина и архитекти во рамките на ЦЕФТА. Заедно овие два договори транспонираат два системи за признавање на ЕУ регулирани во Директивата на ЕУ за професионални квалификации 2005/36/ЕЗ.

Промовирање на иновации и паметен раст

Втората одлука одобрена на експертско ниво, Одлуката за трговските аспекти на правата од интелектуална сопственост обезбедува сеопфатен патоказ дизајниран да одговори на пречките и предизвиците со кои се соочуваат компаниите кои работат на пазарите на ЦЕФТА, како што се скапите и долги процедури за регистрација на правата од интелектуална сопственост, различни третмани низ регионот, несоодветна правна заштита, итн. Преку рационализирање на процесите, намалување на трошоците, зајакнување на регионалната рамка за правата на интелектуална сопственост и унапредување на соработката, Одлуката ќе промовира иновации на производи и услуги и ќе обезбеди еднаков третман за бизнисите низ регионот, ќе ги осигура здравјето и безбедноста на потрошувачите јакнејќи ја заштитата на потрошувачите од фалсификувани и пиратски производи.

Правата на интелектуална сопственост се клучни за заштита на иновациите и конкурентноста засновани на паметни и нови решенија за бизнисите и потрошувачите. Со овозможување посилна соработка на ова поле ЦЕФТА придонесува за градење пријателска средина за раст на локални иновативни лидери.

Регионален пазар за регионален раст

„Наш апсолутен приоритет е спроведувањето на Акциониот план за Заеднички регионален пазар. Но, ова не е само обврска што треба да се штиклира како завршена, ова се многу конкретни можности за конкретни луѓе и бизниси. Доколку се искористат, тие ќе создадат придобивки што ќе се почувствуваат во домаќинствата, компаниите и комуникацијата меѓу луѓето, но и во нашата извозна статистика и проценките за странски инвестиции“, вели Данијела Гачевиќ, в.д. директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Таа нагласи дека овие одлуки допрва треба да бидат усвоени од Мешовитиот комитет на ЦЕФТА, проследено со потребната процедура во секоја од страните неопходна за правилно спроведување.