14. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Регистрирани 40 споменици и обележја од НОБ во 23 села во Дебрца, санирана Спомен-чешмата со мозаици од Борко Лазески во славното охридско село Сливово

Како дел од проектот за реконструкција на споменици и спомен-обележја од Народноослободителната борба, заврши и реконструкцијата на меморијалниот споменик Спомен-чешма со мозаички сцени во центарот на селото Сливово, Охридско, каде што на 11 ноември 1943 година е формирана Првата македонско-косовска бригада.

Спомен-чешмата во Сливово има двојно значење, и историско и уметничко, со оглед на тоа што има две мозаички сцени посветени на Илинден и на НОВ од 1941 година изработени од македонскиот современ сликар, мозаичар и изработувач на витражи, Борко Лазески.
Проектот го реализираше Заводот и музеј – Охрид, кој во изминатиот период регистрира над 40 меморијални споменици и спомен-обележја од НОБ на територијата на 23 села во Општина Дебрца.

По потпишувањето на Меморандумот за соработка со Општина Дебрца, стручните служби на Охридскиот музеј ја санираа Спомен-чешмата која е подигната во чест на овој значаен историски настан од НОБ, кој годинава одбележува јубилеј, 80 години од формирањето на Македонско-косовската бригада.

Екипа работници и стручни лица од Заводот и музеј – Охрид ги исчистија споменикот и околината и се пристапи кон целосно обновување на носечкиот камен ѕид со пополнување со нова цементна фуга и поставување нови покриви на двете страни. Беше санирана и опшивката на мозаикот и беше поправено коритото на чешмата. За овие активности Министерството за култура издвои 100.000 денари.