За време на гостувањето во емисијата „Вин вин“ на ТВ Телма, по повод ужасната трагедија која ја погоди Србија и проверките на сите издадени дозволи за оружје кои уследија во оваа соседна држава, министерот Оливер Спасовски беше запрашан за проценките на МВР во сегментот за поседување на оружје за нашата земја.
„Сакам да потенцирам од колкава важност е проверливоста, односно предвидливоста на настаните кои што можат да ни се случат, зборувам од криминалистички аспект. И ќе ви кажам зошто ова го констатирам. Ние пред три години на ниво на МВР донесовме стратешка одлука во која што побаравме заедно да реализираме еден проект со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кој што ќе значи заштита во трговијата со мало и лесно оружје. Значи, злоупотреба на мало и лесно оружје. Ова го укажувам заради тоа што е важно да знаат граѓаните дека ние три години градиме систем кој што може да помогне од злоупотреба на мало и лесно оружје. Кога зборуваме за тоа дали Северна Македонија спаѓа во државите со некаква мала страст во делот на оружјето, не би рекол дека сме на ниско ниво. Напротив, мислам дека не сме поразлични од регионот“, посочи Спасовски, додавајќи дека регионот, генерално, е на ниво над европскиот просек.
Поради тоа, според министерот за внатрешни работи, многу е важно да бидат дефинирани конкретните чекори и начинот на кој ќе бидат издадени овие дозволи.
„Ако зборуваме за тоа, на пример, ние имавме законска обврска во којашто се обновуваат дозволите на оружје до почетокот на јуни, сега ги сумираме резултатите за да видиме точно колку од граѓаните биле совесни и ги обновиле овие свои дозволи“, рече Спасовски, додавајќи дека немилиот настан во Србија покажа и дека еден дел од јавноста во Македонија се разбуди во смисла на одговорност кон управувањето со оружјето.
Притоа, тој објасни дека со споменатиот проект се обезбеди софтверско решение во коешто се поврзани Царинската управа, сите продажни објекти и правни лица за продажба на оружје и МВР за точно да се знае влезот, движењето на малото и лесно оружје и муницијата, а во сите станици во МВР за првпат се создадоа услови за заштита на оружјето, односно тоа да не може да биде изнесено.
За репресивниот елемент, односно откривачката дејност на МВР како посебно значајна, Спасовски посочи: „Ако ги погледнеме статистичките податоци, ќе видите колку сме имале мала откривачка дејност до, да речеме 2017-2018 година, визави на тоа колку е сега зголемена откривачката дејност на оружје. Последните години имаме зголемување дури за 50 отсто на откривачката дејност во овој дел. Тоа значи добра работа на оперативните тимови, добра поставеност на стратешко ниво на министерството и, секако, дека вродуваат со плод сите тие активности што го имаме“.