Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по завршувањето на меѓународната конференција „Човековите права во рамките на заштитата од дискриминација“, во Црна Гора, оствари две билатерални средби, со министерката за труд и социјална политика на Република Бугарија, Иванка Шалапатова и министерот за човекови и малцински права и бегалци на Босна и Херцеговина, Севлид Хуртиќ.
На средбата со министерката за труд и социјална политика на Република Бугарија, Иванка Шалапатова се разговараше за важноста во инвестирањето во човечкиот капитал и капиталните инвестиции во градење на детски градинки.
Министерката Шалапатова информираше дека Бугарија пред почетокот на преговорите со ЕУ, започнала со интензивна изградба на градинки и развој на социјална заштита, што претставува и охрабрување на граѓаните да бидат активни граѓани и да се вклучат на пазарот на труд.
Приоритет на Бугарија е подобрување на социјалните трансфери и услуги, инвестирање во превентивни сервиси и социјални плаќања, со вклученост на граѓанскиот сектор. Во фокусот на следните активности е вложување во инфраструктурата на социјалните живеалишта.
Министерката Тренчевска информираше за политиките, резултатите и идните вложувања во областа на трудот, детската и социјалната заштита.
„Предучилишното воспитание е особено значајно за децата за нивни правилен детски развој и затоа во континуитет вложуваме во зголемување на капацитетите . За 5 години инвестиравме во 81 нов објект. Со обезбедувањето на установи за згрижување на децата се обезбедува и можност на родителите да се вклучат на пазарот на труд,“ истакна Тренчевска.
Заедно со Амбасадорот на Република Северна Македонија во Црна Гора, Н.Е Зеќир Рамчиловиќ министерката Тренчевска оствари средба со министерот за човекови и малцински права и бегалци на Босна и Херцеговина, Севлид Хуртиќ и Амбасадорот на Босна и Херцеговина во Црна Гора, Н.Е Бранимир Јукиќ.
Се разговараше за регионалната соработка со Босна и Херцеговина во насока на подобрување на прашањето за родовата еднаквост. Воедно и за плановите за иницијативата од наша страна во насока на јакнење на регионалната соработка преку иницирање на заеднички проект за родовата еднаквост. Оваа иницијатива во периодот кој следи ќе биде разгледана на состанок кој ќе се одржи заедно со регионалната канцеларија на UN Woman.
Министерката истакна дека, заложбите на Владата на Република Северна Македонија се во насока на интензивирање на идната соработка затоа што на регионот им се потребни зајакнати и силни индивидуи кои ги уживаат човековите права на дневна основа. Токму тоа е најважно на патот кон европската интеграција кон која се стреми секоја од земјите во регионот.
На двете средби беше изразена подготвеност за продлабочување на соработката во областите кои ги покриваат министерствата.