25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Европските челници со јасна порака да не скршнуваме евроинтеграцискиот пат

Местото на Република Северна Македонија е во Европа. Без неа Европската унија не е целосна, порачаа европските лидери кои изминатава година дојдоа во Скопје за да ја дадат својата поддршка за европската иднина на земјава.

Претседателката на Р. Словенија Наташа Пирц- Мусар, претседателот на Италијанската Република Серџо Матарела, претседателот на Сојузна Репулика Австрија, д-р. Александер Ван дер Берен, претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер и претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, од собраниската говорница во македонското Собрание порачаа дека македонскиот идентитет е дел од европскиот идентитет.

– Европа на заедничкиот пазар. Европа на соработка и интеграција. Европа на солидарноста. Европа на владеењето на правото. Европа каде младите луѓе сакаат да живеат и да останат. Ова е Европа на која има право и Северна Македонија. Европската унија е голема идеја и голем проект. Голема е токму поради тоа што ја почитува различноста и разноликоста. Словенечкиот идентитет е дел од европскиот идентитет, како што вашиот идентитет е дел од европскиот идентитет. Кога Северна Македонија официјално ќе стане членка на ЕУ, Македонскиот јазик ќе биде официјален јазик , а неговото негување ќе биде не само приоритет на само на Северна Македонија туку и на целата Европска Унија- изјави од собраниска говорница претседателка на Р. Словенија – Наташа Пирц- Мусар.

Лидерите на најголемите европски земји ја дадоа својата поддршка на патот на Северна Макеоднија кон Европската Унија. Местото на Северна Македонија е во Европа, порачаа тие. Заради нејзините вредности, историјата и културата.

Северна Македонија и Западен Балкан се составен дел од Европа, смета Серџо Матарела, претседателот на Италијанската Република.

-Европската Унија се залага за еднаквост во различностите. Значи мир, слобода, благосостојба треба да имаат сите граѓани на Унијата кои имаат различни култури и зборуваат различни јазици. Се надевам дека ункатното културно богатство на Македонија ќе го зголеми културното богатство на ЕУ. Притоа нема ни најмал сомнеж дека Македонскиот е и ќе остане вашиот јазик- изјави претседателот на Сојузна Репулика Австрија, др Александер Ван дер Берен при неговата последна посета на земјава.

Стравот за губењето на идентитетот е неоснован велат европските лидери, затоа што токму Европската унија се темели на почитување на различните идентите . На прашањето како треба да изгледа македонскиот идентите денес и во иднина, претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмајер вели: Онака како што тоа го формулираше македонскиот писател Блаже Конески кога кажа и кога напиша- Јазикот е нашата татковина.

За претседателот на ЕК Урсула Фон дер Лајен, Северна Македонија е успешен модел за разновидно мултиетничко општество вковано во Охридскиот рамковен договор.

– Покажавте смелост, покажавте и решителност. Договорот во Преспа беше пример за храброст. Две земји кои се согласија да одат напред и заедно да ги испишат идните поглавја од нивните истории заедно. Покажавте еден витален капацитет да го промените вашето општество кон подобро. Го избравте патот на мирот наместо оној на конфликт – изјави во нејзиниот говор Фон дер Лајен во јули минатата година при посетата на Скопје.

Крајната цел е полноправно членство во ЕУ, а достигнувањето на таа цел веќе не зависи од лидерите на европските земји, туку од нас самите и од нашиот капацитет да покажеме политичка зрелост и да се избориме со сопствените демони на популизмот.