Жителите на Лисиче организирани во иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ попладнево повторно протестираа и ја блокираа раскрсницата на булеварите „12. Македонска бригада“ и „Србија“. Тие се противат на предложениот Детален урбанистички план за Градската четврт ЈИ09.
Тие со креативни пораки испишани на транспаренти и свирчиња ја блокираа раскрсницата, барајќи поддршка од нивните сограѓани. Помеѓу транспарентите можеа да се забележат пораки со барање за зачувување на чистиот воздух, но и противење против урбаната мафија и профитирањето на нивен грб – „Не се нашите имоти за вашите профити“, „’Зелена’ општина – црна иднина за Лисиче“, „Стоп за урбаната мафија“.
Лисичани се одлучни дека ќе ги откажат своите летни одмори и ќе продолжат со протестите со цел да се спречи изградбата на згради во нивната населба што ќе го наруши спокојниот живот во населбата, но и ќе го зголеми загадувањето, ќе го загрози здравјето и квалитетот на животната средина.
Со предложениот ДУП, Општина Аеродром планира да изгради девет згради во оваа населба, од кои една 12-катница и осум згради со по седум ката. Жителите на Лисиче уште пред да биде изгласан овој ДУП, односно додека беше во јавна расправа, поднесоа анкетни листови, а и преку 700 жители од засегнатите области потпишаа и петиција со која се противат на ваквиот план, кој неповратно ќе го промени изгледот на Лисиче.
Под притисок од протестите на лисичани, Општина Аеродром најави дека ќе прифати дел од забелешките на граѓаните и ќе подготви нов ДУП. Меѓутоа, според жителите на Лисиче ваквите најави се само обид за манипулација, бидејќи повеќе од два месеца чекаат одговор на забелешките од нивните анкетни листови.