18. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРАИЗБОР

Костадиновска-Стојчевска: Го исполнив ветувањето кон Филхармонија за простор за Џез оркестарот, очекувам извинување

Новоформираната Национална установа Џез оркестар, со одлука на Владата, ќе има нова, трајна адреса – во зграда бр.1, влез 1, на бул.„Гоце Делчев“ бр.4, на Катастарска парцела бр. 9505/1, Катастарска општина Центар 1, со Имотен лист бр. 40986, информираше министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

-Да појаснам. Се работи за дел од вкупниот простор од 1448 м2 под Националната Опера и балет, простор од 475 м2, за чие соодветно реновирање имаме и проект и обезбедени средства. Овој простор од 475м2 е со трајно користење на Министерство за култура. Откако беше заокружен целиот процес, кој заради почитување на законските процедури и рокови неминовно траеше неколку недели, Владата , на денешната седница, донесе одлука овој простор да ѝ припадне на Националната установа Џез оркестар и на тој начин најдобро да го искористи и да го сочува државниот имот, рече министерката.

Таа додаде дека иако се работи за државен имот, било потребно време за комплетирање на документацијата, запазување на сите законски постапки и изготвување на проект за реконструкција и адаптација на просторот, а сето тоа одело етапно и се разгледувало на неколку владини седници.

-Јас моето ветување кон јавноста, а пред сè кон вработените во Филхармонија, го исполнив и со оглед на обемноста на документацијата и запазувањето на сите неопходни процедури, ова ветување го одржав во реално најкус можен временски период. Ветив и ветувањето го исполнив. Му благодарам на оној кој и покрај, во најмала рака неетичкото однесување, ја објави електронската преписка која ја имав со дел од раководниот тим на Филхармонија, и ја направи видлива пораката во која напишав: „ќе биде како што сме се договориле“. И еве, како што гледате, јас зборот го одржав. Сега, чесен епилог на сево ова е – извинувања кон јавноста и публиката од директорката и управниот одбор свесно манипулираа со врвни музичари, но и со авторитети од светот на културата, убедувајќи ги дека јас и оваа Влада сакаме да ја земеме зградата на Филхармонија и воедно свесно ги изложија на критики од јавноста како нетрпеливи и безобзирни домаќини, истакна Костадиновска-Стојчевска.