24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Спасовски на Преспа Форумот за дијалог се сретна со директорката на ИОМ, Ејми Поуп, а потпиша и Меморандум за разбирање меѓу МАРРИ и Регионалната антикорипциска иницијатива

Денеска (15.06.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски предводеше делегација од Министерството за внатрешни работи во рамки на Преспа Форумот за дијалог што овие два дена се одржува во Струга. Притоа, министерот Спасовски потпиша Меморандум за разбирање, во име на Претседателството на Република Северна Македонија со Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) и со Регионалната антикорипциска иницијатива (РАИ). Воедно, тој оствари билатерална средба со директорката на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп.

Препознавајќи ја важноста на регионалната соработка и зајакнувањето на партнерствата помеѓу регионалните организации посветени на процесот на пристапување во Европската Унија и за промовирање на доброто владеење, стабилност и безбедност, како и социјален и економски развој во Југоисточна Европа, а со оглед на на мандатот и достигнувањата на МАРРИ водени од принципот на сеопфатност, како фокусна точка за регионална соработка во секторите на миграција, азил и бегалци за сите учесници на МАРРИ, како и мандатот и достигнувањата на РАИ како водечки регионален антикорупциски платформа посветена на зајакнување на капацитетите на јавниот сектор и граѓанското општество во нивните антикорупциски напори, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу двете организации, а со цел унапредување на регионалната и меѓународната соработка за спречување и борба против корупцијата и трговијата со луѓе, односно градење силно партнерство кое ќе генерира синергија и ќе го подобри споделувањето на знаење и експертиза, како и да избегне дуплирање и преклопување на активностите.

Меморандумот за разбирање, во име на Претседателството на Република Северна Македонија со МАРРИ, беше потпишан од страна на министерот Оливер Спасовски, директорот на Регионалниот Центар на МАРРИ, Сашко Коцев, а од страна на РАИ беше потпишан од Лаура Стефан, Претседавач со РАИ, како и Десислава Гоцкова, началник на Секретаријатот на РАИ.

За време на билатералната средба со новата директорка на ИОМ, Ејми Поуп, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ја посочи веќе етаблираната соработка, со уверување дека истата ќе продолжи со несмален интензитет. Тој се заблагодари за континуираното присуство на претставниците на Меѓународната организација за миграции кои директно се присутни на македонско-грчката граница.

Двајцата соговорници се согласија дека стабилната безбедносна состојба на границите се должи на посветеноста кон раното откривање и спречување на обидите за илегално минување на државната граница, спречување на криумчарењето на мигранти, сузбивање на криминални групи кои вршат криумчарење, идентификација на потенцијални жртви на трговија со луѓе и ранливи категории на лица меѓу мигрантите. Воедно, беше потенцирано дека заедничкиот пристап на засегнатите земји кој ќе вклучува оперативна соработка, како и поддршка во зајакнување на националните капацитети, е клуч за успех во делот на миграциите. Министерот Спасовски потсети и на ,,Министерската конференција за одржливо управување со миграциите во Западен Балкан“ која беше реализирана во периодот од 15-16 ноември 2022 година во Скопје, а во организација на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Чешка Република со поддршка од ИОМ – Меѓународната организација за миграција, а со цел да се опфатат сите теми кои ги засегаат земјите од Западен Балкан и меѓународните организации за создавање подобра синергија помеѓу земјите за справување со миграцијата.

На крајот од средбата двајцата соговорници уште еднаш ги потврдија заедничките заложби за продолжување на заедничките проекти, со уверување дека и во иднина соработката ќе се продлабочува во насока на поддршка во јакнењето на националните капацитети.